Австралија Опен: Ѓоковиќ одушевен од својата игра, Де Минор депримиран

Не знаев што да правам на теренот, призна австралискиот тенисер Алекс Де Минаор по многу лесниот пораз од Србинот Новак Ѓоковиќ во осминафиналето на Австралија Опен.

Домашните навивачи во Мелбурн се надеваа дека Де Минор може да го стави во неволја првиот фаворит на овој Грен слем турнир, но ништо од тоа не се случи. Ѓоковиќ, кој девет пати го подигна победничкиот пехар на овој турнир, работата ја заврши многу брзо со само пет загубени гемови. Крајниот резултат гласеше 6-2, 6-1, 6-2.

„Жал ми е што не исполнив одредени очекувања, и од мене и од моите фанови, но Ѓоковиќ беше премногу добар. Претпоставувам дека играше на своето највисоко можно ниво. Кога е таков, не знам кој може да го загрози. Не успеав да направам ништо, не го ставив под притисок и не знаев што да правам на теренот. Играше длабоко, се движеше брилијантно и доминираше од почеток до крај“, изјави Австралиецот.

Од друга страна, Ѓоковиќ истакна дека првпат не почувствувал болка во текот на натпреварот. Инаку, тој од самото доаѓање во Австралија постојано се жали на разни физички проблеми.

„Не, не почувствував никаква болка и исклучително сум среќен што успеав сѐ да завршам во три сета. Го одиграв најдобриот меч оваа година“, изјави Ѓоковиќ кој во четвртфиналето го очекува меч против Русинот Андреј Рублев.