Белоруската тенисерка Арина Сабаленка, бранителката на титулата на грен-слем турнирот во Мелбурн, е првата финалистка на Австралија Опен по победата во полуфиналето со 7-6(2), 6-4 против Американката Коко Гоф.
Во полуфиналето се соочија минатогодишната победничка на Австралија Опен, Сабаленка и последната победничка на некој грен-слем турнир, откако 19-годишната Гоф лани славеше на УС Опен.
Сабаленка подобро го отвори мечот и имаше голема предност во првиот сет. Водеше со 2-0 и 5-2, но целосно го искомплицира тој дел од натпреварот. Гоф освои четири гема по ред, поведе со 6-5 и сервираше за 1-0 во сетови. Во тој период Гоф поведе со 30-0 но едноставно застана во тој момент. Сабаленка се избори за тај-брејк кој убедливо го доби.
Во вториот сет секоја од тенисерките ги добиваше своите сервис гемови до 4-4 кога Белорусинката направи клучен брејк. Поведе со 5-4, а потоа го потврди брејкот и дојде до победата во мечот кој со право беше наречен финале пред финалето. Минатата година Сабаленка ја освои својата прва и досега единствена грен-слем титула во Австралија.
Сабаленка во саботното финале ќе игра против победничката од второто полуфинале во кое се среќаваат Украинката Дајана Јастремска и Кинеската Чинвен Женг.