Австралија повторно ги отвора границите за меѓународни патувања по две години

Австралија најави повторно отворање на границите за вакцинираните туристи и за останатите кои имаат виза, прв пат по пауза од две години.

„Ако сте двојно вакцинирани, се радуваме што повторно ќе ви посакаме добредојде“, изјави премиерот на Австралија, Скот Морисон, пренесува Би-Би-Си.

Повторното отворање на границите е планирано за 21 февруари.

Австралија имаше меѓу најстрогите гранични контроли во светот за време на пандемијата со коронавирусот.

Во март 2020 Владата ги затвори границите. На најголем дел од странците им беше забрането за влезат во земјата, а беше ограничен и вкупниот број на пристигнувања во Австралија за да се помогне во борбата против ковид-19. Земјата во справување со пандемијата дури им забрани и на сопствените граѓани да ја напуштат минатата година.

Морисон денеска изјави дека оние кои ќе влезат во Австралија кога границите ќе се отворат ќе мора да приложат доказ за вакцинација.
Невакцинираните патници кои имаат медицинска причина зошто не се имунизирани и понатаму ќе мора да се пријават и ако им се одобри од нив ќе биде побарано да бидат сместени во карантин во хотел.

Според податоците на Универзитетот Џон Хопкинс, во Австралија досега има пријавено 2,7 милиони случаи на заразени со ковид, починале 4.248 лица, а речиси 80 отсто од населението е целосно вакцинирано.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.