Австралија сака „Гугл“ и „Фејсбук“ да им плаќаат на медиумите за објава на вести

Австралиската влада планира да им даде рок од три месеци на „Гугл“ и „Фејсбук“ за да испреговараат праведна исплата со медиумите во оваа земја за објавување на вестите. Австралија е првата земја во светот која се обидува да ги принуди технолошките гиганти да плаќаат за објавување на медиумските содржини, што би претставувало чекор во насока на заштита на независното новинарство и поддршка за пребродување на корона кризата во медиумскиот сектор, пишува „Гардијан“.

Лондонски „Телеграф“ го пренесува австралискиот министер за финансии Џош Фрајденберг, којшто изјави дека ова е фер за австралискиот медиумски бизнис, бидејќи ќе обезбеди одржливо медиумско опкружување преку зголемена заштита на користењето на содржините и поголема конкуренција. Моделот на австралиската влада е сличен на заштитата на авторското право, а истиот би бил регулиран со закон, изјави министерот за финансии.

„Гардијан“ пишува дека „Гугл“, „Фејсбук“ и другите дигитални платформи би биле принудени да платат казни од стотици милиони долари доколку не успеат да се договорат во согласност со кодот на австралиската Комисија за конкуренција и потрошувачи, која што го изработи овој задолжителен документ во април откако претходно „Гугл“ и „Фејсбук“ не успеаја да се договорат со медиумите во врска со користењето на нивните содржини.

Како последина на пандемијата на ковид-19, во Австралија досега се затворени десетици дневни весници, додека останатите комерцијални медиумски куќи регистрираат остар пад на приходите од реклами.