Австралија си ги сака нарачаните вакцини, бара помош од други земји за да изврши притисок врз ЕУ

Австралија се обидува да добие поддршка од други земји со цел да изврши притисок врз ЕУ да испорака на планираните и веќе договорени дози на вакцините против Ковид-19.

ЕУ минатата недела ја блокираше испораката на 250.000 дози од вакцината на компанијата „АстраЗенека“ што требаше од Италија да заминат во Австралија. Унијата тогаш првпат се повика на нова одредба за забрана на извоз на вакцини.

Австралискиот министер за трговија Дан Техан изјави дека таквата одлука претставува протекционизам и изрази загриженост дека ЕУ и во иднина би можела да ја спречува испораката. Тој најави соработка со Канада, Јапонија, Норвешка и Нов Зеланд, со цел да се принуди ЕУ да ја промени својата одлука.

-Колку повеќе вршиме колективен притисок врз нив, повеќе ќе разберат дека тоа што го прават е погрешно – нагласи Техан.

Портпаролот на Европската комисија, Ерик Мамер пред неколку дена истакна дека „мерката е насочена кон компанијата која барала дозвола за извоз на вакцините, а не кон Австралија“.

-Како што јасно докажавме досега, секоја компанија која ги исполнува своите договорни обврски кон ЕУ добива и дозвола за извоз на своите производи – објасни Мамер,

Таа додава дека дури 92 држави се изземени од евентуална забрана за извоз бидејќи се дел од иницијативата Ковакс, а ЕУ досега одобрила извоз на големи количества на вакцини во други земји, како што се Аргентина, Чиле, Канада, како и Јапонија и Јужна Кореја.

Засега не е познато што ќе се случи со дозите кои се наменети за Австралија, но портпаролот Мамер минатата недела истакна дека тие остануваат сопственост на „АстраЗенека“.

Австралискиот премиер, Скот Морисон, минатата недела побара од Брисел да ја разгледа својата одлука, иако сфаќа дека ЕУ е значително посилно погодена од пандемијата во однос на Австралија.

Австралија досега регистрира 290.000 случаи на зараза и 900 починати лица. Земјата има нарачано 53,8 милиони дози на вакцини на „АстраЗенека“, од кои 50 милиони треба да се се произведат во земјата.