Австралија брка победа против Перу и чека пораз на Данска

376

Австралија има шанса да се квалификува во наредниот круг од Мундијалот ако денеска го победи Перу, но не зависи само од нив бидејќи Франција би требало да ја победи Данска. Австралијците знаат дека треба да ја поправат играта во фазата на нападот ако сакаат да останат во Русија.

Најважно е да го постигнеме резултатот, па тогаш ќе размислуваме за исходот на другиот натпревар. Ако дадеме гол и го победиме Перу, тогаш нема да биде важно како го постигнавме тоа. Јасно е дека мора да покажеме повеќе самодоверба во противничкиот дел од теренот за да го постигнеме посакуваниот резултат- изјави Томи Јуриќ.

Капитенот на Австралија, Миле Јединак додава дека Перу немаше среќа во првите два натпревари и дека станува збор за добар тим.

Тие се квалификуваа преку многу силните јужноамерикански квалификации, тука се со причина и ќе сакаат да се претстават во добро светло против нас, но ние сме подготвени за тој предизвик, вели капитенот.

Перуанците по натпреварот со Австралија сигурно се враќаат дома поради поразите од Франција и од Данска, па останаа без можност во последното коло да остварат пласман во осминафиналето. Сепак, и Перуанците немаат намера да се предадат и да докажат дека не се случајно на Мундијалот.

Австралија многу изненади. Имаат неколку брзи играчи и добро балансирани во одбраната и нападот. Против Данска освоија важен бод што им ја остави надежта за премин во следниот круг, но ќе дадеме се од себа да победиме, изјави Едисон Флорес.

Инаку, ова ќе биде прва средба на овие два репрезентации. Австралија во последните три натпревари против јужноамериканските ривали на СП постигна само еден гол и освои еден бод. Во последните 15 натпревари во СП, Австралијците одиграа само еднаш без примен гол, а примија голови со секоја од последните 12 натпревари. Перу, пак, во Русија се уште не успеа да даде гол.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.