Австралиски „Dulux“ го купува словенечки JUB за над 190 милиони евра

Компанијата JUB од местото Дол крај Љубљана, најстариот словенечки производител на ѕидни бои, за повеќе од 191,3 милиони евра ќе го преземе австралиската компанија „Dulux“ која е дел од јапонскиот концерн „Nippon Paint Holdings“, објавија во четвртокот словенечките медиуми.

Договорот ќе биде потпишан следните денови, а станува збор за една од финансиски најголемите понуди за купувањена некое словенечко претпријатие последнтие години, пишува деловниот дневен весник Finance.

Акционерите на словенечката компанија позната во целиот поранешен југословенски регион по својата линија бои „Jupol“, ја прифатиле понудата на „Dulux“ според која ќе добијат 5.500 евра по акција, што е помалку од сумата којашто ја нуделе некои други заинтересирани.

Меѓутоа, предноста на „Dulux“ била гаранцијата дека производството и развојот на JUB и во иднина ќе останат во Словенија, што не го содржеле другите понуди.

Покрај тоа, „Dulux“ се согласил да ги задржи постојните брендови на JUB, а словенечката компанија има намера да ја направи свој главен центар за активностите во Европа, според словенечките медиуми.

Групацијата JUB вработува во моментов околу 800 лица, а освен во Словенија има производство и во Србија. Компанијата во 2019 година забележала приходи од 113 милиони евра и ебитда од 14 милиони евра, а интересна била и поради својот силен пазарен удел во регионот на поранешна Југославија.