Австралискиот премиер се одмораше на Хаваи а државата му гореше, сега се извинува

Австралискиот премиер Скот Морисон се извини поради тоа што замина на семеен одмор на Хаваи во момент кога критичната ситуација со пожарите во земјата дополнително се влошуваше.

Пожарникарските служби се борат со над 100 пожари во време кога Австралија е погодена од рекордни горештини. Освен тоа, вчера настрадаа дваја пожарникари во несреќа додека оделе на задача во близина на Сиднеј, што дополнително го разгоре незадоволството во јавноста.

Морисон соопшти дека порано ќе се врати од одмор, што неделава беше причина и за протести во земјата. Министрите во неговата Влада го бранеа одењето на одмор на Морисон, но одбиваа да кажат каде се наоѓа. Неговата канцеларија негираше дека е на Хаваи. Подоцна тој потврди дека е со семејството на Хаваи, посочувајќи дека редовно добива извештаи за состојбата со пожарите.

– Длабоко жалам ако со своето заминување на семеен одмор повредив кого било од бројните Австралијци погодени од страшните пожари, изјави денеска Морисон.

Во пожарите кои од септември ја зафатија земјата, досега загинаа осум лица, уништени се 700 домови и изгорени се милиони хектари земјиште.