Австралиското здружение на адвокати го поддржа Ѓоковиќ: Тоа право министерот го доби за терористи, а не за тенисери

107

Здружението на адвокати на Австралија застана на страната на најдобриот тенисер во светот Новак Ѓоковиќ, кој на Федералниот суд се бори за настап на Австралија опен. „Орвеловско“ е ова што му се случува на српскиот играч, рече портпаролот на Здружението.

Ѓоковиќ ноќва ќе се појави пред тричлениот совет на Федералниот суд во Австралија, по што ќе се знае дали ќе добие виза и дозвола за настап на првиот Грен слем сезонава или ќе биде депортиран од таа земја.

„Еден од најопасните аспекти на случајот на Ѓоковиќ е спремноста на федералната влада да оцени дека некој е ризик за јавниот ред само врз основа на тоа за што тие претпоставуваат дека се негови ставови“, рече портпаролот на австралиското здружение на адвокати, Грег Барнс, пренесува австралиски Ејџ.

„Ова е ‘орвеловски’ и длабоко загрижува тоа што ова се случува во општество што наводно се залага за слобода на говорот и слобода на мислата“.

Барнс, адвокат со искуство во миграциски спорови, исто така рече дека Ѓоковиќ сега ја чувствува полната сила на законите за миграција, кои се осмислени за од Австралија да ги отстранат осомничените терористи, а не тенисерите.

Во судските документи доставени по сослушувањето, адвокатите на српската тениска ѕвезда рекоа дека министерот за имиграција Алекс Хок не може, од материјалот што го има пред себе, да прогласи дека нивниот клиент има познати антиваксерски ставови.

Иако Ѓоковиќ одби да прими вакцина, неговите адвокати пред судот рекоа дека неговата најсилна јавна изјава против вакцинацијата датира од пред речиси две години, во април 2020 година, пред да бидат достапни првите вакцини против ковид-19.

„Немаше докази пред одговорниот дека г. Ѓоковиќ дал какви било коментари за својот статус на вакцинација или изразил некакви ‘гледишта’ во врска со вакцинацијата во кое било време додека бил во Австралија… или во кое било друго време на која било друга локација (по април 2020 година)“, рекоа неговите адвокати.

Одлуката на Хок да продолжи со постапката за депортација против најдобриот тенисер во светот врз основа на тоа дека неговиот глобален профил, јавното противење на вакцинацијата и непочитувањето на мерките против ковид-19 може да го разгорат антиваксерското движење во Австралија, ја крена сагата на Ѓоковиќ од спор за патни документи во нешто многу поголемо од бирократски проблем.

Правниот тим на Ѓоковиќ побара од федералната влада да докаже дека неговото присуство во Австралија може да го наруши граѓанскиот ред и да го поткопа нејзиниот одговор на пандемијата.

Ѓоковиќ денеска беше вратен во притвор од чуварите на граничните сили, два дена пред почетокот на Австралија опен, по краткото сослушување во Федералниот суд.

Австралија опен почнува в понеделник на 17 јануари, а Ѓоковиќ досега девет пати беше шампион на тој турнир.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.