Австрија, Чешка и Словенија го поддржаа планот на Вархеји-Силва

Австрискиот министер за надворешни работи Александер Шаленберг денеска во Скопје изјави дека го поддржува предлогот на Португалија кој беше даден за да се одблокираат македонските евроинтеграции.

Шаленберг денска имаше средба со македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи, заедно со министрите за надворешни работи на Словенија и Чешка, Анже Логар и Јакуб Кулханек.

Шаленберг рече дека смета оти билатералните прашања не треба да го блокираат процесот на пристапување, но дека „мора да се справуваме со прашањата и затоа целосно ги поддржуваме напорите на португалското претседателство, заедно со министрите овде и во Софија“, рече Шаленберг.

„Ова е сега клучно време, клучен момент ве молам разберете дека не сакам да навлегувам во детали, ова е тековен процес но навистина го поддржувам се што како предлог го стави на маса португалското претседателство“, рече Шаленберг.

На денешната прес-конференцијата во Министерството за надворешни работи во Скопје, се обратија и министрите за надворешни работи на Северна Македонија, Словенија и Чешка, Бујар Османи, Анже Логар и Јакуб Кулханек.

Османи изрази благодарност за поддршката и континуираниот ангажман на Австрија, Словенија и Чешка за досегашниот успех на европскиот пат на Република Северна Македонија. Тој истакна дека поддршката на овие земји „е навистина цврста, конзистентна и долгорочна“, соопшти македонското МНР.

„Ние денес не го усогласуваме нивниот став за нашите европски интеграции – тој е одамна познат. Јас денес побарав и добив силни пораки на согласност од колегите дека оваа нивна енергичност, овој напор и гласност во рамките на Унијата ќе продолжи“, вели Османи додавајќи:

„Во овој условно асиметричен спор со кој се соочуваме, нам ни се потребни пријателите за да ни овозможат фер платформа, да ни овозможат фер политички простор за да можеме преку дијалог да ги отстраниме пречките за продолжување на нашите европски интеграции“, рече Османи.

Посетите на министрите следуваат откако вчера во посета на Скопје беа и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и Аугусто Сантош Силва – министерот за надворешни работи на Португалија, земја која во моментов претседава со ЕУ.

Тие претходно вчера ја посетија и Софија, а претставија предлог со цел да направат пробив во бугарската позиција за блокирање на македонските европски интеграции.

Но, бугарските политичари им порачаа дека нема промени во нивните позиции за Северна Македонија. Од друга страна, официјално Скопје предлогот го оцени позитивно.