Австрија ќе го наполни буџетот со плус 7,5 до 10 милијарди евра од повисокото ДДВ на цените

Додека високата инфлација, поскапувањето на храната, струјата и горивата им предизвикуваат проблеми на граѓаните во Австрија, зголемувањето на цените носи дополнителни приходи врз основа на ДДВ и даноци на доход.
Според проценките на експертите од економското либерално здружение „Агенда Австрија“, годинава и следната година, врз основа на поскапувањето, државата би можела да оствари приходи зголемени за 7,5 до 10 милијарди евра.

Тие објаснуваат дека повисоките стапки на инфлација доведуваат до итно зголемување на даноците поврзани со потрошувачката, како што е ДДВ.

Потоа, како причина за поскапувањата, следува зголемување на платите, што носи дополнителни приходи по основ на даноци на плати и придонеси за социјално осигурување. На тој развој на настаните на почетокот на месецот предупреди и Фискалниот совет. „Агенда Австрија“ ги направи своите прогнози врз основа на неколку сценарија.

Првиот предвидува инфлација за 2022 година од пет отсто, а за 2023 година од три отсто. Во тој случај државата во 2022 година би имала дополнителни приходи во износ од 2,5 милијарди евра, а во 2023 година дури пет милијарди евра.

Сепак, во моментов инфлацијата е повисока отколку во тоа сценарио.

Во второто сценарио, инфлацијата би била шест отсто во 2022 година и четири отсто во 2023 година, а таквата констелација би ѝ донела на државата дополнителни приходи од 3,1 односно 6,3 милијарди евра. Доколку инфлацијата во тековната година беше седум отсто, што е моментално, а во 2023 година пет отсто, тогаш државата би имала вкупно дополнителни приходи од 11 милијарди евра (во 2022 година дополнителните приходи би изнесувале 3,7 милијарди, а во 2023. дури 7,5 милијарди евра). Шефот на „Агенда Австрија“, Марсел Гетер, посочува дека со тоа ќе се „уништи“ олеснувањето на последниот даночен пакет што го усвои Владата во најкраток можен рок. – Министерот за финансии треба да ги растерети граѓаните со јасно намалување на данокот на плати и приходи, како и да се стави крај на скриеното оданочување поради студената прогресија – појасни тој.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.