Австрија ги исцрпи фондовите за помош на бегалците

Можностите на австриската федерална агенција за поддршка на бегалците BBU се целосно исцрпени, а центрите за првичен прием поради напливот на мигранти од Украина се пренатрупани, изјави во петокот извршниот директор на агенцијата Андреас Ахрајнер.

„Да, исцрпени се нашите можности. Се разбира, се наоѓаме во процес на барање на алтернативни простории. Но тоа не може да биде одговор на долг рок“, вели Ахрајнер во интервјуто за весникот Kleine Zeitung.

Додава дека наскоро едноставни ќе нема празни места во центрите за прием и сместување на бегалците, бидејќи е достигнат максималниот капацитет на објектите со кои располага агенцијата.

„Немам дозвола да ја надминам таа граница (на искористеност на капацитетите во центрите за прифаќање), и поради прашањата од општа или противпожарна безбедност. Се разбира, бројките секогаш се променливи, и многумина (од бегалците кои пристигнуваат во Австрија) заминуваат во други земји“, додава Ахрајнер.

Одговарајќи на забелешката на весникот дека многу семејства кои претходно им дале засолниште на бегалците од Украина се чувствуваат напуштени од австриската држава поради поскапувањето на енергијата, Ахрајнер вели дека и тој е загрижен поради тој проблем.

„Тука го гледам главниот предизвик. Некои субвенции (за енергенсите) се веќе зголемени, а сега работиме на тоа неопходната информација да биде достапна едноставно и централизирано. Но, секако, ако трошоците за снабдувањето значително се зголемат, субвенциите ќе мора одново да бидат зголемени“, вели челникот на BBU.

Додава дека партнерските организации во другите земји во Европа, исто така, се обраќаат до Австрија поради тоа што просториите за згрижување на украинските бегалци не се подготвени за зимските услови во ваквата сегашна ситуација.

„Движењата на бегалците секогаш доаѓаат во бранови. Кога се менуваат условите, како што се безбедносните, во снабдувањето или температурите, луѓето продолжуваат по својот пат. На ова гледам како на голем предизвик“, заклучува Ахрајнер.