Австрија го враќа највисокиот степен на предупредување за патувања во земјите од западен Балкан

345

Австрија го воведува најголемиот степен на предупредување за патувања во Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово и Србија, соопшти во средата владата во Виена.

„Највисокото ниво на предупредување за овие земји стапува на сила веднаш“, изјави австрискиот министер за надворешни работи Александер Шаленберг. Станува за безбедносно ниво 6, коешто инаку се прогласува само за земји во коишто владеат воени судири.

Министерката за интеграции, Сузане Рааб, алудирајќи на повеќе од половина милион државјани на Австрија со потекло во една од споменатите земји, апелираше на граѓаните да ги откажат патувањата во земјите на своето потекло.

„По секоја цена треба да се откажат патувањата во овие земји“, изјави Рааб на заедничката конференција за медиумите со шефот на австриската дипломатија.

Шаленберг изјави дека веќе се забележани случаи на зарази со новиот коронавирус во австрија, но и во Словенија и во Хрватска, кои се поврзуваат со лица кои се вратиле од некоја од земјите на западен Балкан.

Австрискиот министер за внатрешни работи, Карл Нехамер, најави интензивни контроли во пограничната област. За лицата кои доаѓаат од некоја од наведените држави враќањето во Австрија ќе биде можно само со двонеделна самоизолација или скоро направен негативен тест на коронавирусот.

Австрија со денешната одлука делумно се спротиставува на вчерашната препорака на Советот на Европската унија, кој ја укина забраната за влез во ЕУ за лицата кои доаѓаат од Србија и од Црна Гора.

Во Австрија, со 100 нови случаи на зараза со коронавирусот, забележан е остар раст на заразите. Голем дел отпаѓааат на неколку жаришта во покраините Горна Австрија и Штаерска. Таму во една градежна компанија којашто вработува странски работници, главно од Грција, забележани се 10 нови случаи на коронаинфекција.

Во Австрија, инаку, од денеска на сила стапија новите попуштања на рестриктивните мерки, па така персоналот во локалите повеќе не треба задолжително да носи заштитни маски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.