Австрија сака да го исфрли „Газпром“ од складиштето за гас, Русите одговорија

Австрија почнува да ги остварува заканите за „Газпром“ за губење на правото на складирање гас во Хајдах, бидејќи континуирано не го исполнувал својот дел од капацитетот, објави во средата владата во Виена, а од рускиот гасен гигант одговорија дека тие не се надлежни за тоа.

Австрија прима околу 80 отсто од гасот од Русија, но бара алтернативи од почетокот на војната според заложбите на Европската унија. Стравувајќи дека поради новите најавени пакети санкции и опструкции од Западот при ремонтот на гасните капацитети Русија може да ги прекине испораките на гас, Австрија настојува да ги наполни своите складишта пред почетокот на есента а кои во моментов се наполнети само под половината од капацитетите.

Виена вели дека имајќи предвид дека „Газпром“ не го полни својот дел од постројката Хајдах близу Салцбург, владата ја известила руската компанија уште во мај дека тоа складиште ќе им го отстапи на другите, доколку не го користи. Законот кој го овозможува тоа стапи на сила на 1ви јули.

„Доколку корисниците на складираат (гас), тогаш капацитетот мора да им биде предаден на други. Тоа е критична инфраструктура. Потребна ни е сега во ваква криза. Токму тоа се случува во случајот на ‘Газпром’ и неговото складиште во Хајдах“, изјави на прес-конференција во средата австриската министерка за енергетика Леоноре Гавеслер.

Додаде дека австрискиот енергетски регулатор E-Control веќе започнал процес на ставање крај на систематското ненадополнување на складиштето и изјави дека тоа е „складиште на Газпром“.

Канцеларот Карл Нехамер рече дека складиштето ќе биде ставени на располагање на други енергетски компании, како и дека ќе го корист и Австрија. Хајдај има капацитет од околу 2,9 милијарди кубни метри гас, а „Газпром“’, според австриските извори, има право на две третини од капацитетите.

Холандија се соочува со слична ситуација во постројката во Берермеер, едно од најголемите европски комерцијални складишта за гас. Според неа, „Газпром“ не го искористил правото на полнење на 40 отсто од складиштето во Бергермеер, чијшто капацитет е 4,1 милијарди кубни метри гас.

Во меѓувреме по изјавите на австриските власти се огласија и од „Газпром“, и во своето соопштение за медиумите посочуваат дека поседуваат само 11,11 отсто од австриското складиште Хајдах, додека управувачкиот пакет од 55,55 отсто го поседува Германија.

„Информациите за структурата на  сопственоста и управувањето со подземното складиште Хајдајх (Австрија). Сопственици: 11,11 отсто Centrex Europe Energy & Gas AG (подружница на Газпром експрот)… под контрола на Федералната мрежна агенција на Германија се 55,55 отсто од сопственоста во складиштето“, објави руската компанија на својот официјален Telegram канал.

Притоа се појаснува дека германската Федерална мрежна агенција (Bundesnezagentur) управува со 22,22 отсто од акциите преки компанијата „SEFE Securing Energy for Europe“, претходно „Gazprom Germania“, а уште 33,33 отсто се контролиран од неа преку субјектот „Wingas“. Преостанатите 33,33 отсто се во сопственост на австриската „RAG Austria“.

Русите укажуваат и дека операторот за складирање на гасот „Astora GmbH“, исто така, е под привремено управување на Федералната мрежна агенција на Германија, бидејќи е контролирана преку компанијата „SEFE Securing Energy for Europe“.