Австрија сака повеќе странски работници а помалку бегалци

Владејачката Австриска народна партија (ÖVP) сака да воведе мерки, како што се права на социјална помош дури по пет години престој во земјата со кои би се променил профилот на доселениците во Австрија, што значи повеќе од оние кои доаѓаат да работат, а помалку од барателите на азил.

Австрија минатата 2022 година одобрила 21.000 барања за азил и само 2.900 дозволи за престој на странски работници.

„Мораме да донесене мерки коишто би довеле до тоа магнетот за доселување во Австрија да не биде социјалниот систем, туку пазарот на трудот“, изјави во петокот министерката за интеграции и семејство Зузане Рааб од ÖVP за дневниот весник Die Presse.

На Австрија ѝ се потребни доселеници, но моментално забележлива е „погрешната форма на доселување“, додава Рааб.

Според неа, Австрија по примерот на Данска би можела да воведе систем на социјална помош за странците дури по пет години престој во земјата, при што висината на поддршката би била поврзана со успесите во текот на процесот на интеграција, особено учењето на јазикот.

Левоориентираните Зелени, коалицискиот партнер на ÖVP, ги отфрлаат плановите на конзервативците.

„За промената на социјалната помош не сакаме да разговараме. Таа зависи од тоа дали таа некому му е потребна или не, а не од тоа колку долго некој живее тука“, одговори за порталот Euroactiv Фаика ел-Нагаши портпаролката на Зелеините за интеграциски прашања.

Според најновите показатели на Австриското биро за статистика, во земјата во 2022 година пораснал бројот на жителите со миграциска заднина на 26,4 отсто. За граѓани со доселеничка заднина се сметаат оние чиишто родители се родени надвор од Австрија.

На првото место според земјата на потеклото е Германија (но не станува збор само за етнички Германци), а следат Романија, Турција, Србија и Хрватска.