Австрија со јасен став за одлука на Советот на ЕУ за старт на преговорите

49

Јасна порака од Австрија со поддршка за проширувањето на ЕУ и за европските интеграции на нашата држава е изенсена на средбата на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев со Александер Шаленберг, австриски сојузен министер за Европа, интеграција и надворешни работи.

Како што соопшти владината прес-служба, на средбата е посочено дека има силен консензус во Република Австрија за позитивна одлука за Република Северна Македонија на октомврискиот Совет на ЕУ и дека таков јасен ќе биде и ставот на Австрија на Советот во октомври. На состанокот е констатирано дека позитивна одлука е единствената исправна одлука за нашата земја. Констатирано е дека Македонија ги испорача потребните услови и дека сега е на ред Европа да испорача.

Премиерот Заев, се посочува во соопштението, се заблагодари за големата принципиелна поддршка од Австрија во сите клучни процеси за демократскиот развој на нашата држава и посебно за напредокот во евроатлантските интеграции.

– Позитивната одлука од Европскиот совет за отворање преговори на ЕУ со Република Северна Македонија, за институциите и за граѓаните ќе значи продолжување на силната мотивација низ европските вредности да придонесуваме во развојот на нашата држава и регионот. Преспанскиот договор е редок пример на договор преку којшто низ искрен дијалог за чувствителни прашања дојдовме до решение на децениски отворено билатерално прашање, реформите ги правиме во консензус со опозицијата, цврсто сме определени за владеење на правото и борбата против корупцијата низ конкретни примери дека законите важат еднакво за сите. Република Северна Македонија е добар пример како со посветеност на европските вредности на дело, се можни резултати, рече премиерот Заев.

На средбата е констатирано, се додава во соопштението, дека можноста што ја доби Македонија, заедно со Бугарија да копретседава со Берлинскиот процес во следната година е силна порака за европската поддршка на нашата држава.

Премиерот Заев соопштил дека позитивната одлука од октомврискиот Совет на ЕУ само ќе ја зацврсти довербата и на другите земји во регионот, кандидатки за членство во ЕУ, дека реформите и решенијата на билатералните прашања, на мирен начин низ дијалог, носат придобивки во европските аспирации.

На средбата е констатирано дека Република Австрија е еден од значајните инвеститори во нашата земја. Пренесено е дека Република Австрија има силна доверба во Република Северна Македонија и дека економската соработка ќе се развива во иднина, стои во соопштението.

На состанокот е разговарано и за добрата соработка во врска со решавањето на мигрантската криза, како и за унапредувањето на добрите билатерални односи меѓу двете држави.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.