Австрија повеќе не сака да биде „пепелникот на Европа“

Врз австриската крајна десница на власта сѐ е посилен притисокот за да биде присилена да организира референдум за забрана на пушењето во рестораните во оваа земја каде што голем дел од јавноста не сака да биде последната пушачка оаза на контингентот.

Со официјална петиција којашто ја покренаа лекарите, собрани се 881.569 потписи или близу 14 отсто од избирачкото тело и повеќе од 10 отсто од вкупното население, според официјалните податоци кои беа објавени во понеделникот вечерта.

Тринаесет години по првите обиди да се забрани пушењето во рестораните, кафеаните и кафулињата, Австрија е меѓу последните земји во Европа во којашто може да се консумира тутун во локалите, што ги тревожи лекарите. За волја на вистината, во Австрија можно е да се пуши во локалите во коишто имаат одвоени простории за пушење.

Социјалдемократите и конзервативците, кои претходно беа на власт, во 2015 година го усвоија законот кој предвидува целосно забранување во рестораните, кој требаше да стапи на сила во мај оваа 2018 година. Меѓутоа, овој закон беше повлечен под притисокот од партијата од крајната десница Слободарската партија (FPOe), откако нејзиниот челник Хајнц-Кристијан Штрахе, и самиот пушач, формирањето на коалицијата со конзервативците на канцеларот Себастијан Курц во декември го условуваше со откажување од споменатиот закон.

„Законот за забрана на пушењето е укинат спротив на трендовите во светот“, истакнуваат лекарите и потсетуваат дека околу 13.000 лица годишно умираат од последиците од пушењето во Австрија, којашто е третата земја според стапката на пушачите во Европската унија, наведува Еуростат, од нив 30 отсто се повозрасни од 15 години, и една од оние во кои цигарите се најевтини.

Мобилизацијата покрената со петицијата ја соочи во вторникот FPO со нејзината заложба за развој на директната демократија, но во вторникот одби да организира референдум за прашањето за пушењето.

Австрискиот вицеканцеларот Хајн-Кристијан Штрахе истакна дека „повеќе од 85 отсто“ избирачи не ја потпишале петицијата против пушењето и дека не се собрани 900.000 потписи, со што автоматски би се организирал референдум.

Новата челничка на социјалдемократската опозиција, Памела Ренди—Вагнер во вторникот истакна дека „доколку повикувањето на повеќе директна демократија не е само празно предизборно ветување, владата мора да организира референдум за пушењето“..

„Притисокот врз владата расте и за FPOe ќе биде тешко да објасни зошто не организиран референдум“, оцени во вторникот дневниот весник Kronen Zeitung, чијашто анализа беше пренесена во целокупниот печат во земјата.

Неколку влијателни личности, меѓу кои и градоначалниците на Грац и на Салцбург, исто така, во вторникот повикаа на органзиирање референдум, бидејќи поради бројот потписите сметаат за незаобиколен. И целата опозиција го има мислењето како и либералната партија Neos, којашто истакна дека граѓаните дали „јасен сигнал“ дека не сакаат Австрија и натаму да биде „пепелникот на Европа“.

Канцеларот Себастијан Курц, кој е непушач, не сакаше да се изјасни за ова прашање, бидејќи поништувањето на законот против пушењето е впишано во коалицискиот пакт склучен со крајната десница кон крајот на минатата 2017 година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.