Австрија слави двесте години од најпознатата божикна песна

Божикната песна „Тивка ноќ, света ноќ“, настаната во декември 1818 година, годинава слави двесте години постоење, а се пее речиси на сите јазици и на сите континенти.

Врвот на прославата на двестегодишнината на „Тивка ноќ“ ќе биде на католички Бадник кога песната ќе биде изведзена пред капелата во селото Оберндорф, во близина на Салцбург. Таму на 24-ти декември 1818 година е првпат изведена а со текот на времето стана вистинска божикна химна. Тогаш на местото на денешната црква имало капела.

„Оваа година очекуваме околу 6.000 луѓе на божикното бдение, а вообичаено ги има 3.000 до 4.000“, изјавил за AFP Клеменс Конрад, директор на тамошната туристичка заедница.

Оберндорф, како и целиот Салцбург, каде што се наоѓаат и други локации поврзани со настанувањето на песната, овие месеци се домаќини на низа манифестации поврзани со прославата на годишнината за која покана му е упатена и на поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск.

Авторот на текстот, австрискиот свештеник Јозеф Мор, не можел ниту да замисли дека оваа смирувачка песна настаната во времето кога во Европа само што завршиле Наполеоновите војни, ќе доживее таков успех. Композицијата за песната со шест строфи ја напишал Франц Ксавиер Грубер, учител и оргулист во црквата во Оберндорф, кој за тоа бил замолен од Мор.

Првите англиски верзии на текстот (Silent night) се забележани уште во средината од XIX век. Од тогаш „Тивка ноќ“ е преведена на речиси 300 јазици и наречја, а најмногу ја пренесувале низ светот христијанските мисионери. „Тивка ноќ“ ја пееја и многу ѕвезди, од Елвис Присли до Селин Дион и куклите од Мапет Шоу, а ја изведе и германска метал група, па дури и хор од кози.