Австриската министерка Едштадлер: Немам разбирање за блокадата од Бугарија и апелирам да ја тргне

Северна Македонија е кандидат за пример и сакам јасно да порачам за време на португалското претседателство брзо да се финализираат преговарачките рамки за првата конференција. Се што е одложување понатаму ќе не остави да бидеме губитници. Искрено велам, дека немам разбирање за тоа дека Бугарија понатаму блокира.

Ова денеска го порача австриската министерка за Европа и Устав Каролине Едштадлер, на заедничката прес-конференција во Виена со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.

Едшадлер посочи дека Македонија е кандидат за пример и оти дури го смени и името за да постигне вистински чекори кон Европа, потсетувајќи дека под германското претседателство се вложија огромни напори за да се реши бугарската блокада, но тоа не успеа.

– И понатаму останува на врвот на агендата и во Советот и на ниво на министрите за надворешни работи да се реши оваа блокада. Апелирам до Бугарија, овој отпор да го заврши. Ние понудивме во Виена како неутрално место да продолжат разговорите. Досега оваа понуда не беше прифатена, но сакам јасно да кажам дека настанува вакуум ако оваа перспектива на пристапување не ја реализираме во дела.

Тој вакуум, додаде Едштадлер, ќе биде пополнет со други земји што сакаат да извршат влијанија, како Кина, Русија.

– На Западниот Балкан сакам спротивното да го постигнеме и особено Северна Македонија да ја вклучиме во идната конференција. Западниот Балкан припаѓа во Европа. Се додека Западноиот Балкан се гледа како член и дел од европската перспектива и ЕУ нема да биде комплетна без него – истакна Едштадлер.

Австриската министерка ја потенцираше поддршката што Виена ќе продолжи да ја дава кон Македонија и Западен Балкан на патот кон Европската Унија, додавајќи дека Австрија има особен фокус на регионот на Западен Балкан, со којшто, рече, не поврзуваат историски корени.

– Имаме економски можности особено во Северна Македонија, која е главната точка, и затоа сме посветени на овој регион. Економската соработка е многу важна. Нашите претпријатија на лице место носат дополнителни вредности во регионот и кај нас – рече Едштадлер.

Во однос на илегалната имиграција, министерката рече дека Македонија останува важен партнер во ова поле и ако сакаме да ја запреме илегалната имиграција мора да соработуваме со Македонија, која исто така е и сосед на Грција. Посочи дека минатата година 41.000 мигранти поминале низ Македонија.

Вицепремиерот Димитров, од своја страна, се заблагодари за гласната, принципиелна, пријателска и континуирана поддршка од Виена за европската иднина на целиот Балкан, како и за соработката и поддршката во поглед на Ковид-19, врз основа на принципот на солидарност како обединувачка европска вредност.

– Нашиот пак кон ЕУ е посебно трнлив. Нашиот заеднички пријател и Ваш колега со кого ќе се видам после оваа прес-конференција, министерот Шаленберг, еднаш во Скопје кажа: „Тоа е како Тур д’Франс: има многу етапи, и патот е долг, но не треба да има дилеми кој треба да стои на почетокот на трката“ и затоа и денес се со Каролине согласивме, стартот на овој маратон и трката по европските начела и стандарди, веќе не смее повеќе да се одложува-  посочи Димитров.