Австриската полиција ќе се всели во родната куќа на Хитлер по одлуката на судот!

Одлуката за иднината на родната куќа на Адолф Хитлер во австрискиот град Браунау, после повеќегодишни судски спорови конечно е донесена – во неа ќе се всели австриската полиција.

Зградата во август ја презеде австриската држава, а наскоро ќе биде распишан и конкурс за нов изглед на родната куќа на нацистичкиот лидер. Како што е наведено, во куќата на Хитлер ќе биде сместена општинската команда на полицијата и полициската станица на Браунау.

Според австриските власти, на тој начин конечно би можел да биде таканаречениот „нацистички туризам“, во кој луѓето пристигнуваат да ја посетат куќата во која што живеел некогашниот лидер на Третиот Рајх.

Имено, нацистите од цела Европа пристигнувале во Браунау да ја посетат родната куќа на Хитлер, па австриските власти веруваат дека сега кога во куќата ќе се всели полицијата, нацистите нема да пристигнуваат да му се поклонат на тоа здание.

Државата повеќе години водеше спор со сопственичката на куќата, а на крајот австрискиот парламент во 2016-та година донесе одлука зградата да биде национализирана.

Сопственичката на зградата упати бројни жалби, а последната беше отфрлена во август оваа година со што конечно беше решена судбината на куќата. Министерството за внатрешни работи на Австрија, од крајот на Втората светска војна ја закупи зградата и со високи ќирии спречуваше да стане светилиште на нацистите.

„Со тоа што полицијата во иднина ќе ја користи куќата ќе испратиме јасен сигнал дека на тоа здание му се одзема симболиката на сеќавањето на нацизмот“, изјави австрискиот министер за внатрешни работи Волфганг Пешорн.