Австриската полиција немилосрдно казнува за непочитување на мерките

Австриската полиција строго ги спроведува мерките за ограничување на движењето, кои Владата во Виена ги воведе со цел да се спречи ширењето на новиот коронавирус, и немилосрдно го казнува секој што ќе ги прекрши.

Полицијата не ги казнува само собирањата на „корона забавите“, туку и непридржувањето на физичката дистанца од еден метар меѓу луѓето.

Три момчиња се казнети со по 350 евра, бидејќи и покрај ограничената слобода на движење, според кое е дозволен излез само со членови на семејството, тие договориле дружење со мотори.

Во Виена се казнети двајца мажи кои пиеле кафе на една клупа во раните утрински часови. Како што се наведува во казната, тие не ја почитувале физичката дистанца и не можеле да докажат дека живеат во исто домаќинство. Двајцата се казнети со по 500 евра или десет часа затвор.

Со по 500 евра, односно заедно 2.000 евра, се казнети четири лица кои стоеле заедно и разговарале во близина на метро станица.

Во австрискиот главен град, исто така, се казнети и две момчиња со по 500 евра, иако тврделе дека случајно се сретнале и само кратко разговарале.

Австрискиот министер за внатрешни работи Карл Нехамер најави на почетокот на неделава дека полицијата ќе спроведе строга контрола за почитување на мерките. Министерството соопшти дека во изминатите пет дена се казнети 10.426 лица.