Австриски левичар се откажа од пратеничкиот мандат по обвинувања за сексуално злоставување

Еден од најистакнатите австриски левичарски политичари, Петер Пилц, поранешен долгогодишен парламентарен пратеник на Зелените и носител на листата на својата новоформирана партија која на последните избори влезе во парламентот, се откажа во саботата од пратеничкиот мандат поради обвинувањата за сексуално злоставување.

„Јас и натаму ќе ја следам својата партија, но поради тешките обвиненија се откажувам, од својот мандат“, изјави 63-годишниот Петер Пилц на вонредната прес-конференција.

Пилц со ваквата одлука реагираше на написите на некои австриски медиуми, во прв ред неделникот Falter, кои објавија сведочење на жена којашто го обвинува Пилц за сексуално злоставување во минатото.

„Високите политички и етички стандарди коишто ги застапува нашата партија, важат секако и за мене“, рече Пилц. Воено им се извини на своите соработници и на своето семејство поради „непријатностите“.

Ова претставува неговата директна реакција на обвинувањето од една соработничка на Австриската народна партија (ÖVP) којашто во неделникот Falter ги опиша неговите сексуални напади на една конференција во 2013 година. Самиот Пилц тврди дека „не се сеќава на ништо“, но дека обвинувањата ги зема сериозно. Тој претходно во неделникот Falter изјави дека тој самиот „ќе ги понесе одговорностите“ доколку за тој случај постојат сведоци.

Истовремено ги отфрли обвинувањата на една соработничка на партијата Зелени, и рече дека можеби станува збор за „одмазнички потег“ на Зелените, коишто, за разлика од неговата партија Листата на Пилц, на изборите кон средината на октомври не успеаја да го минат изборниот праг и да влезат во парламентот.

Пилц беше парламентарец на Зелените повеќе од три децении, но претходно годинава формираше своја левичарска партија по внатрешните недоразбирања со Зелените.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.