Австрискиот суд во понеделникот соопшти дека ја поништил одлуката на понискиот суд за префрлање на 88-годишниот инцестуозен силувач Јозеф Фрицл во редовен затвор од затворската психијатриска единица, но го вратил случајот на тој суд за нова одлука.
Фрицл, кој го смени презимето во Мајрхоф, ја силувал својата ќерка и ја држел во заробеништво 24 години, а силувањата резултирале со раѓање на седум деца. Случајот го привлече светското внимание кога излезе на виделина во 2008 година.
Беше во затвор за ментално растроени затвореници откако во 2009 година беше осуден за инцест, силување, ропство, принуда и убиство од небрежност на новородениот син во занданата што тајно ја изградил под неговата куќа.
Фрицл поднел барање да биде префрлен во редовен затвор, тврдејќи дека како постар и изнемоштен човек повеќе не претставува закана. Судот во градот Кремс-ан-дер-Донау го наложи префрлањето во јануари, но обвинителите поднесоа жалба до Вишиот покраински суд во Виена да ја поништи одлуката.
„За разлика од првостепениот суд, Вишиот покраински суд во Виена заклучи дека фактите неопходни за такво условно ослободување сè уште не се целосно утврдени“, се вели во соопштението на виенскиот суд.
Наведува и дека ја поништил одлуката на понискиот суд во Кремс и му наложилл на понискиот суд да утврди повеќе факти пред да донесе нова одлука.
Фрицл боледува од напредна деменција, но можеше да го следи краткото судење во јануари кога беше наложено условно ослободување, изјави на новинарите неговата адвокатка Астрид Вагнер по тоа сослушување.
„Судот нареди додавање на лекарскиот извештај и ново сослушување на затвореникот на крајот на април“, изјави портпаролот на понискиот суд во Кремс за одлуката на судот во Виена.
Од обичниот затвор, Фрицл би можел да поднесе барање за целосно ослободување од затвор.