Австриските инвеститори очекуваат подобра економска година, повисок промет и вработување

Австриските компании кои што инвестираат во Македонија за оваа година очекуваат подобрување на состојбата во економијата, повисок промет и нови вработувања, истакна претставникот на Австриската стопанска комора, Герхард Слатл, на денешната средба со домашни компании.

„Би сакал да укажам на една анкета која што ја направивме меѓу фирмите од Австрија кои имаат инвестирано во Македонија и фактите се различни, но може да се констатира дека соработката тече, условите не се едноставни, но може да се каже дека во 2014-та година очекуваат подобрување на состојбата, повисок промет и нови вработувања“, рече тој, нагласувајќи дека ваквите средби се одлична можност за интензивирање на соработката меѓу двете земји.

Според него, најважна цел е да се создаваат контакти меѓу македонски и австриски компании, кои ќе учествуваат во заеднички дијалог за подобра и поинтензивна економска соработка.

„На Македонија и на земјите од регионот им е потребна соработка со јака економија како што е Австрија со цел да ни ги пренесат нивните позитивни искуствата и пракса со цел да се приближиме подобро до европската регулатива и имплементација на европските регулативи“, нагласи Софче Јовановска, директорка на Дирекцијата на регионални коори и меѓународна соработка во Стопанската комора на Македонија.

Иако Австрија се наоѓа на 14-тото место според трговската размена сепак постои простор за поинтензивна соработка бидејќи е констатиран негативен трговски биланс од 20 милиони долари.

Размената во 2013-та година меѓу Македонија и Австрија изнесува 175 милиони долари, и што е констатиран раст од 4,2 отсто во однос на изминатата година.

Австрија, како што беше истакнато е втор најголем инвеститор според директни странски инвестиции во Македонија во последните пет години, па согласно податоците на НБРМ за движењето на директни странски инвестиции во 2012-та година изнесува околу 81 милион долари.

Австриските инвестиции се забележани во енергетскиот сектор, во телекомуникациите, во банкарскиот и финансискиот сектор и во областа на градежништвото.

Денешните средби, кои што се иницирани, од страна на австриската и македонската комора се однесуваат на поинтензивната соработка на компаниите од обалста на имплементирање на новите технологии во областа на третирањето на комунални и отпадни води, управуање со комунален отпад и сл.