Автоголот на Тотенхем го спаси Ливерпул и првенството, Челзи со судиска помош до пресврт

Во дербито од 32-то коло на англиското фудбалско првенство, Ливепрул во драматичната завршница со 2:1 го совлада Тотенхем враќајќи се на првата позиција, додека Челзи со истиот резултат победи на гости кај Кардиф во меч кој ќе биде многу дискутиран во прв ред поради судиските одлуки.

„Редсите“ на својот „Енфилд“ до победата стасаа во судиското продолжение со несреќниот автогол на Тобни Алдервејрелд.

Домашните поведоа во 16 минута со убавиот гол на Роберто Фирмињо кој го постигна со глава на веќе деветтата асистенција на Ендрју Робертсон. Ливерпул се обидуваше да дојде до вториот гол но кај неговите играчи имаше многу избрување во завршниците од акциите, а Мохамед Салах упорно настојуваше да постигне гол во ситуации кога можеше да ги проигра своите соиграчи кои беа во позиции сериозно да го загрозат голот на гостите. Во тој период Тотенхем заигра многу подобро и по неколку упропастени противнапади во 70 минута израмни преку Лукас Моура.

Тотенхем во 85 минута можеше и да поведе, а и да го реши првенството, кога Сисоко и Сон беа во контра „два на еден“ но Сисоко беше себичен и шутираше над голот. Каната стаса во 90 минута кога Робертсон уште еднаш испрати опасен центаршут, Салах од левата страна шутираше со глава, Љорис одбрани а одбиената топка со незграпна реакција Алдервејрелд ја втурна во сопствената мрежа.

Ова беше четвртиот последователен пораз на Тотенхем, што не им се случило од декември 2008 година. Од друга страна, Ливерпул под водство на Јурген Клоп стаса до 11 меч во серија во кој не е поразен, а последен пат тоа им се случи на 3-ти јануари кога беа поразени (1:2) на гости кај директниот ривал за титулата Манчестер Сити. Ова беше 170-от дуел во сите натпреварувања меѓу Ливерпул и Тотенхем, од кои „Редси“ победиле во 79 а „Спарси“ во 48 меча, а 43 средби завршиле без победник.

Ливепрул се врати на првото место на Премиер со 79 бодови од 32 натпревари, а со два бода помалку го следи Манчестер Сити кој има и меч помалку. Тотенхем остана трет со 61 бод од 31 меч, откако во последните пет кола освои само еден бод. Манчесте Јунајтеед има исто така 61 бод, но послаба гол разлика.

Челзи до бодовите дојде со голем пресврт во последните шест минути од натпреварот во Кардиф и победи со 2:1. Но мечот го одбележаа три големи судси грешки кои им помогнаа на „Сините“ да дојдадат до победата.

Кардиф Сити поведе во 46 минута со голот на Виктор Камарас, а десет минути се случи првата спорна ситуација. Тони Рудигер во шеснаесетникот на гостите го собори Шон Морисон, тоа беше очигледен пенал, но судијата Крег Пејвсон не покажа на белата точка. Кардиф го чуваше водството до 84 минута, кога Сезар Азпиликуета израмни на 1:1 но од „дебел“ офсајд што не му пречеше на главниот судија да ги признае погодокот. Само две минути подоцна се одигра и третиот спорен момент, кога Рудигер како последен играч на одбраната го собори домашниот напаѓач Кенер Зохоре, но доби само жолт картон. И кога се чинеше дека мечот ќе заврши без победник, Рубен Лофтус-Чик го постигна победносниот гол за Челзи.

Челзи остана на шестото место, но со 60 бодови се приближи на само бод заостанување од Арсенал на петтокот место кое води во Лигата на шамионите, но „Топчиите“ имаат меч помалку кој во понеделник на свој терен го играат со Њукасл. Кардиф Сити е 18-ти со 36 бодови, пет помалку од зоната која гарантира опстанок во Премиер.