Автопатот Миладиновци – Штип ќе се доградува за 5,7 милиони евра

Автопатот Велес - Градско затворен за сообраќај
Автопатот Велес - Градско затворен за сообраќај

Таман посмисливме дека автопатот Миладиновци – Штип дека е во полна функција, сепак тој ќе се доградува. Јавното претпријатие за државни патишта ќе ги доградува 10-тината сервисни патишта и клучката кај Свети Николе, а „Гранит“ од Скопје е избрана за изведувач на работите за докомплетирање на овој автопат, кои, според ЈП, не биле претходно влезени во проектот по кој кинескиот изведувач „Синохидро“ ја градеше оваа делница.

Сервисните патишта ќе му го олеснат пристапот на локалното население, односно да се поврзе со автопатот или со најблиските локалитети околу него. Ќе се реши прашањето и со цевките на Водостопанството за наводнување на полето, а со овој тендер ќе се доградат и спојниците на клучката кај Свети Николе.

Според објавениот договор на Електронскиот систем за јавни набавки, на изведувачот ќе му се исплатат над 353 милиони денари (5,7 милиони евра) за докомплетирање на градежните работи на автопатот Миладиновци – Штип. Во наредниот период нема да се прекинува сообраќајот на автопатот, но на местата каде што ќе се гради ќе има времен режим на сообраќај.

Покрај овој тендер, за автопатот Миладиновци – Штип е распишан и дополнителен тендер за изградба на двете патарини „Кадрифаково“ и Преод“. Доставувањето на понудите на објавениот тендер е во тек, а очекувањата на Европската банка за обнова и развој се изведбата на патарините да отпочне од 1 октомври годинава, по изборот на најповолен понудувач.

Автопатот Миладиновци – Штип беше свечено пуштен во употреба на 6 јули годинава, а граѓаните почнаа да ја користат делницата долга 47 километри еден месец претходно. Вкупната инвестиција за изградбата на овој автопат изнесуваше 177,3 милиони евра.