Автопатот Охрид-Кичево уште нема финансиер

И покрај најавите на власта дека летово автопатот од Охрид до Кичево ќе се гради со поголем интензитет, вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, сега вели дека е спорно натамошното финансирање на автопатот.

„Тоа што се очекува сега да се случи е да продолжи кредитирањето од Ексим банка кое престана на 15 јануари годинава. Финансирањето е спорно и тоа не зависи од нас туку од кинеската Ексим банка. Деновиве очекуваме информација во тој дел. Доколку тие информации не стигнат, брзо ќе обезбедиме алтернативни начини на финансирање и патот ќе почне да се гради интензивно“, изјави Анѓушев.

Тој не објасни кои се алтерантивните начини и дали друга банка ќе ги преземе обврските. „Да оставиме да видиме прво кој ќе биде одговорот“, одговори Анѓушев.