Руски воен хеликоптер е урнат над ерменска територија недалеку од границата со Азербејџан при што загинаа двајцата членови на екипажот, објави руското министерство за одбрана, додека Азербејџан призна дека по грешка го погодил хеликоптерот и се извини.
„Хеликопетерот Ми-24 е погоден со оган од земја со систем на противвоздушната одбрана. Двата члена на екипажот загинаа а еден е евакуриран со тешки повреди“, се истакнува во соопштението на руското министерство за одбрана.
Азербејџан во понеделникот вечерта призна дека по грешка го урнал рускиот воен хеликоптер близу својата граница над Ерманија, и се извини за „трагичниот инцидент“.
„Азербејџанската страна ѝ се извинува на руската страна по овој трагичен инцидент до кој дојде по несреќен случај“, наведе азербејџанското министерство за наворешни работи и појасни дека воената единици мислела дека станува збор за „провокација на ерменската страна“ во судирите во енклавата Нагорно Карабах.
Хеликоптерот е погоден околу 18,30 часот по локално време додека од воздух следел колона возила кои се движела од руската воена база во Ерменија, која таму е стационирана речиси 30 години, соопшти руското министерство. Хеликоптерот ја надлетувал околината на ерменското село Ераск, покрај Нахичеван, азербејџанската автономна територија која Ерменија ја одвојува од Азербејџан.
„Командата на руската воена база 102 го истражува отворањето оган врз хеликоптерот“, наведува министерството.
Ерменскиот министер за итни ситуации изјави дека веднаш распоредил служби за помош на местото на падот на хеликоптерот.
Силите на ерменската енклава Нагорно Карабах во која Ерменците се големо мнозинство од крајот на септември се борат со силите на азербејџанската војска.
Оваа територија уште во 1988 година, пред распадот на тогашениот Советски сојуз во чии рамки тогаш беа сите три сега завојувани страни, одлучи да истапи од Советската република Азербејџан на која ѝ била приклучена во 1920-те години, што предизвика крвава војна меѓу Ерменија и Азербејџан од 1992 до 1994 година во која имаше најмалку 30.000 жртви.
Русија, која има воен договор со Ерменија, исто така, оддржува многу добри односи и со Азербејџан, кој ја има поддршката од Турција којашто Западот, во прв ред Франција, ја обвинува дека го поттикнува сегашниот конфликт и оти во него учествува со свои команданти и специјалци, како и бунтовници донесени од Сирија.
Русија досега организираше два неуспешни обида за склучување примирје, но навести дека ќе интервенира доколку судирот во Нагорно Карабах излезе од гранциите на регионот на стретешки важниот јужен Кавказ, преку кој минуваат нафтоводи и гасововди од истокот кон Европа.