Азески: ЕУ и ние, Бугарија и тие, бриселски бирократи

Насоките на ЕУ се, создавање регионален пазар на Западен Балкан, кој интегрирано треба да се поврзе со Европската унија преку Европската Економска Заедница – ЕЕЗ (инструмент за економско поврзување на земји од интерес на ЕУ кои не се, и веројатно нема да бидат нејзини членки). Иако ние, како држава, ги имаме исполнето минималните копенхашки критериуми кои се основ за било каков почеток на преговорите ЕУ, очигледно се плаши да не интегрира (внимавајте), поради слабите капацитети на бриселската администрација во која е заглавена, што значи не блокира поради капацитетите на нашата администрација, а признава дека е заглавена од нејзината администрација. Весела математика, пар екселанс „par ekselans“, пишува претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, во неговата најнова книга, „Што ни се случува“, објавена во јануари годинава.
А зошто навистина заглави бриселската администрација?
1. Блокиран е буџетот за финансирање на рамковните програми за иновации и конкурентност.
2. Доцнат програмите „ХОРИЗОНТ“, „ИПА 3“ и пограничните програми кои требаше да почнат во 2021 година.
3. Унитарното владеење во одредени сегменти на ЕУ создаде отпор кај поедини земји, како што се Полска и Чешка.
4. Сѐ потешко се носат одлуки со консензус.

Сѐ на сѐ, причините дека ние треба да ги решиме најпрво билатералните спорови се само изговор за пролонгирање на процесите.
Она што ние треба да направиме е, највнимателно да ги прочитаме пораките и ги прифатиме забелешките забрзувајќи ги процесите посочени во извештајот, затоа што е очигледно дека сами не можеме да се справиме со овие предизвици и тој дел од патот мора да го поминеме под менторство на Европската комисија, без разлика дали ќе станеме нивна членка или не.
„Јас со целата моја интелигенција, со целиот мој бекграунд и багаж не знам што е проблемот со Бугарија. Не знам што е ниту со Грција. Но се крена цел свет, сите знаеме дека е непринципиелно но ете им направивме ќеиф. Дали треба да им правиме ќеиф на сите на Балканот како мечката Божана“, вели Азески во изјава во емисијата ТОП ТЕМА на ТВ Телма, на 3 ноември 2021 г.

-Јас не знам што проблем има Бугарија со нас, за бизнисот да решава некакво прашање. Во социјализмот се имаше перцепција дека не сме ја сакале Бугарија па затоа пруга не сме правеле. Но, фактот е дека не сме правеле пруга од економски причини. Параметрите покажуваат дека таа пруга до пристаништето нивно до Бургас 90% поминува на бугарска територија, а 10% на македонска. Значи утре од приходот за транспортот 90% ќе одат кај нив, 10% ќе доаѓаат кај нас. Е затоа не се правела пругата. Не затоа што некој имал политика кон Бугарија. Во меѓувреме, македонските и бугарските граѓани ја минуваат границата и комуницираат, јас кога поминувам граница кон Бугарија не сум оптоварен, се чувствувам како да сум во својата земја. Не знам што е проблемот за да губи бизнисот време и тоа да биде услов за влез во Европската Унија. Не знам што бараат тие и меѓународната заедница од нас. Мислам дека таа работа треба веднаш да престане и да се реши. Нека расчисти Европската унија што не и функционира администрацијата и програмите од кои ние се финансираме и што добиваме помош на лажиче. Нека ги расчисти состојбите во нејзината гломазна администрација. Јас не гледам никаков проблем во односите со Бугарија, изјави Азески.

„П.С. Двете мои изјави за односите со Бугарија и членството во Европската Унија дадени во изминатиот период, јасно и недвосмислено укажуваат каде лежат проблемите. Прво, кај нас во земјите од Западен Балкан. Ние мора како ТОП ПРИОРИТЕТ да ја поставиме економската интеграција и да покажеме и докажеме дека имаме капацитет да настапиме обединето, како и сите други региони во Европа. Второ, во редовите на Европската Унија која упорно го блокира процесот на отпочнување преговори затоа што е жртва на својата неконтролирана бирократија“, додава тој.