Азески: Инфраструктурата останува приоритет

Ова го истакна претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески на панел-дискусија во рамки на  24. Копаоник бизнис-форум.

Азески имаше обраќање на тема „Реформска програма на регионалните инвестиции: еден регион едно стопанство“, по што одговараше и на прашања.

Инфраструктурата, потенцира, останува најголем приоритет, бидејќи е основа на сите приказни околу регионалниот развој и раст, а ние на тој план имаме, рече, направено многу малку.

Најмногу имаме направено на планот на автопатиштата, најмалку за инфраструктурата на железницата, а и гасификацијата мора да остане голем приоритет. Друга работа е прашањето на владеењето на правото во регионот и неговата хармонизација, бидејќи на тој план се наоѓаме во правен хаос, подвлече Азески.

Според него, трета работа која логично произлегува од првите две, се парите.

Немаме повеќе можности да се задолжуваме, бидејќи го достигнавме таванот, а се сомневам и во волјата на инвеститорите во вакви околности да инвестираат. Поради тоа, неопходно е да побараме помош од Европската унија, особоено за прашањата за инфраструктурата, владеењето на правото, корупцијата, за повторно да бидеме атрактивни за инвестирање, истакна Азески.

азески

Во врска со откупот и продажбата на земјоделските производи, истакна дека владината поддршка даде резултат.

Владата на Република Македонија има вложено многу пари преку субвенции во земјоделството и тоа е добро, зголемен е откупот, модернизирано е производството, меѓутоа нашата економска политика треба да тргне вон границите на Македонија со инвестиции во големи трговски ланци и иизградба на хотелски капацитети, кои би го повлекле нашето производство на регионален пазар. Стопанската комора работи на тоа. Технолошкиот развој ја елиминира националната економија, сметам дека таа приказна е завршена и мораме да се свртиме 100 проценти кон регионот и светот. Постојат добри македонски компании, кои веќе работат на тоа и ние максимално ги подржуваме, додаде Азески.

Бизнис-форумот во Копаоник се одржа од 7 до 9 март. Имаше 1.140 учесници, 120 акредитирни новинари, 20 панели, три пленарни сесии, четири специјални случувања и две панел презентации. Се зборуваше на теми поврзани со економијата, образованието, науката и здравството.  Присуствуваа високи државни функционери и влијателни бизнис лидери кои ја разгледуваа програмата за реформи во регионот.