Ажурирање на СДСМ за опстанок на Заев

( Фото: Роберт Атанасовски)

Во обидот да се одржи на чело на партијата по изливите на незадоволство од бројни поранешни партиски и државни функционери, меѓу кои и поранешниот шеф на државата Бранко Црвенковски, актуелното водство на СДСМ донесе одлука да одржи конгрес на 21-ви март, на кој непосредно ќе се гласа за нов партиски челник и неговите соработници, како наводен одраз на зголемена демократија во партијата. Но, прашање е како тоа навистина се доживува меѓу поширокото партиско членство

Во рамките на подготовките на конгресот, социјалдемократите започнаа процес на ажурирање на членството, што всушност треба да даде процена каков би бил исходот од непосредното изјаснување на партиските членовите. Едноставно, кога ќе се спореди соодносот на новопридојдените во партиските редови во периодот на власта на Зоран Заев и оние кои изразуваат приврзаност кон поранешните партиски функционери, ќе се проценат и силите на заинтересираните крила за водство на владејачката партија.

Меѓутоа, од информацииите кои како сознанија или изјави се среќаваат во медиумите, во текот на пререгистрирањето досега се пријавиле за потврда на припадноста на СДСМ меѓу 36 и 40 илјади членови. Ваквиот податок го потврди и генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски, кој изјави дека според последните информации се ажурирале 40.000 членови а дополнително го мотивира фактот дека многу нови членови се приклучуваат“.

„Последните информации покажуваат дека ажурирани се над 40.000 члена, а мотивира фактот дека многу нови членови се приклучуваат. СДСМ победува затоа што постојано се менува“, рече Николовски по состанокот со градската организација на СДСМ во изјава којашто можеби и невнимателно посочува и дека сегашното раководство не смета многу на старите членови. Или, пак, станува збор за порака дека веќе е најден модусот за да се осигури конгресен успех на Заев и неговото најтесно опкружување.

Прашањето што се поставува е дали за толку кус период е можно да се потврди членството на толкава бројка луѓе, а коешто произлегува од тоа што Николовски дури и во време на епидемија, кога токму Владата предводена од СДСМ носи рестриктивни мерки за граѓаните, посетува „од врата на врата“ однапред договорени семејства и се фотографира со нив. Но, бројките го покажуваат сосема спротивното, уште повеќе што многу од декларираните социјалдемократи јавно објавуваат дека не одговориле на посетите на партиските активисти. Прашање е, исто така, дали навистина се зголемува членството на СДСМ, со оглед дека посочената бројка е за неколкупати помала од порано прикажуваната за вкупното членство на партијата, а СДСМ е на власт веќе четврта година.

Поради тоа на социјалните мрежи сѐ побројни се реакциите со сомневања во веродостојноста на ажурирањето на членството. Со претпоставки, кои веројатно потекнуваат од претходни искуства во СДСМ, дека локалните партиски лидери во обидот да ја здобијат благонаклоноста на актуелниот партиски врв, едноставно ќе ги фалсификуваат партиските пристапници.

Се наведува во реакциите и дека веројатно многумина од оние што како „ажурирани“ ги наведува Николовски, веројатно се таканаречените „сончогледи“ кои со секоја промена на власта прелетуваат од партија во партија и секогаш се меѓу најлојалните поддржувачи на партиските челници кои широградо ги прифатиле.

Според сознанија од некогашни влијателни членови на СДСМ, во партијата се зголемува незадоволството поради тоа што е сѐ поизразен падот на рејтингот кај избирачите, предизвикан од погрешните потези на раководството. Од надворешнополитичките неупеси, царувањето на корупцијата во вровите на власта, па до лошото управување со здравствено-економската криза. Многумина од партиските активисти тоа го сметаат за одраз на претворањето на партијата во „салонска“, односно тоа што партиските функционери кои се наградени со државни позиции не ја согледуваат реалноста и живеат далеку од сивилото на секојдневието во кое живее обичниот македонски граѓанин, вклучително и обичниот член на СДСМ.

Стравот за иднината на партијата е зголемен и од продолженииот судир меѓу т.н. „скопско“ и „струмичко“ крило, како и од во последниот период сѐ поизразените амбиции на одредени социјалдемократски министри во Владата за себепромоција. Како, на пример, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, на што според извори до партијата не се гледа со многу наклонетост од функционерите лојални на партискиот челник и премиер Зоран Заев. Според партиски извори, во моментов во СДСМ постојат уште неколку фракции, кои засега се притаени, и ќе го следат натамошниот развој на ситуацијата во врвот на партијата.