Азири: Дента кога се случи убиството кај Смилковско можно е да сум ја садел бавчата

Хаки Азири, еден oд обвинетите во случајот Монструм, во моментот дава исказ пред Кривичниот суд. Тој за време на истрагата беше заштитен сведок, бидејќи пред истражниот судија раскажа како ги возел дел од обвинетите за петкратното убиство, а тогаш потенцирал и дека кога влегле во возилото Опел омега му рекле дека направиле беља, односно убиле човек.

Тој истакна дека останува на својата одбрана дадена пред претходниот Судски совет, а тоа што го кажал пред истражниот судија го повлече, додавајќи дека прифатил да биде заштитен сведок бидејќи бил малтретиран.

Дента кога дојдоа да ме уапсат, татко ми лежеше на подот, а полицијата го тепаше мојот малолетен брат. Кога побарав да стане татко ми, ме удрија со клоца во лице. Потоа ме однесоа во полициска станица и ме распрашуваа за 12 април. Кажував што правев дента, но ми велеа дека тоа не е вистина и дека заедно со сега обвинетите сме го извршиле убиството. Ми рекоа дека се уапсени моите роднини и дека дел од нив ќе ги убијат. Потоа ме тепаа, по што ме однесоа во една зграда, ме ставија во една канцеларија и ме врзаа за еден столб со лисици. Подоцна ми викаат дека нема да ме остават жив мене и моето семејство ако не признаам дека Алил Демири со неговите другари го извршиле убиството. Продолжија да ме малтретираат и да ми кажуваат како да сведочам, рече Азири, кој додаде дека ќе го убијат и никој не би одговарал.

Тој појасни дека во таа канцеларија го држеле се додека не го научиле што да кажува пред истражниот судија.

Ми рекоа истражниот судија е наш човек, обвинителот е наш човек, а ние ќе им речеме како да прават. Ми рекоа и да не ангажирам адвокат. Било кој од присутните во судница да го земат и да му го направат тоа што мене ми го направија ќе го признае не само ова убиство, туку и секое друго, бидејќи ми вршеа физички и психички тортури, рече Азири.

Тој додаде дека потоа бил однесен во планинско место во Кочани и таму бил држен.

По два дена дојдоа инспектори и рекоа да му се јавам на татко ми и да му речам дека сум добро, без да зборувам повеќе. И таму исто така продолжија малтретирањата. Ми понудија и друг идентитет и пари, а ми понудија и да ме однесат во Холандија. Јас не прифатив и им реков дека сакам да излезам пред судијата и што сакаат тоа ќе кажам, појасни Азири.

Како што раскажа Азири му било дадено ливче со изјава и му рекле да ја потпише и да се држи до неа, по што бил однесен кај истражен судија.

И кај судијата беа истите инспектори. И тогаш ме предупредија да внимавам што зборувам. Не можев да му се пожалам на судијата, бидејќи ми рекоа дека е нивен човек, рече Азири, правдајќи се зошто дал изјава како загрозен сведок.

Кога пак се предомислил, дека не сака да биде загрозен сведок рече дека бил однесен во притвор, а по шест месеци нашле друг заштитен сведок.

На 12 април, вечерта кога се случи петкратното убиство, посочи дека имал слободен ден, а инаку работел како шофер. Посочи и дека е можно тој ден да ја садел бавчата, бидејќи секој април го правеле тоа. Рече и дека е можно истиот ден да се видел и со обвинетиот Алил Демири, а за останатите средби не се сеќава. Вечерта пак бил кај негов роднина каде што играле друштвена игра.

На прашање на судијата дали знае каде се наоѓа Смилковското Езеро, тој рече дека можеби знаел бидејќи неговиот чичко Фејзи Азири таму имал земја.