Азиските берзи ги надоместуваат загубите, нафтата закрепнува а доларот слабее

На азиските берзи во понеделникот цените на акциите пораснаа, надоместувајќи дел од големите минатонеделни загуби, додека американскиот долар кон кошничката валути малку ослаби откако минатата седмица забележа најголем скок во последните 15 месеци.

Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските, во раното утринско тргување во понеделникот беше во плус од 0,8 отсто, откако минатата седмица потона за 7,3 отсто. Притоа цените на акциите на берзите во Сингапур, Хонгконг, Шангај и Јужна Кореја пораснаа меѓу 0,3 и 1,1 отсто. Во Австралија, пак, забележаа благ пад, додека на Токиската берза поради празник не се работи.

По остриот пад минатата седмица, предизвикан од стравот на инвеститорите од растот на инфлацијата и каматните стапки, утрово пазарите настојуваа да се стабилизираат и да ги надоместат загубите.

На Волстрит минатата седмица водечките берзански индекси потонаа за повеќе од 5 отсто, што е најголема загуба во последните две години. Но во петокот цените на акциите на најголемата светска берза пораснаа за 1,4 отсто, а терминскиот S&P 500 индекс во моментов е во плус од 0,5 отсто, што најавува дека во понеделникот на Волстрит би можел да порасне, доколку во меѓувреме насоката на пазарите не доживее пресврт.

Во следниот период инвеститорите најмногу ќе го следат движењето на инфлацијата, бидејќи нејзиното јакнење би можело да ја наведе американската централна банка, но и другите поголеми централни банки во светот, на заострување на монетарната политика.

„Јакнењето на побарувачката на работници ќе го поттикнува растот на платите, но технологијата, автоматизацијата и глобализацијата се важни сили коишто влијаат на спротивната насока. Оваа парадигма, сметаме, воопшто не се променила. Според нашето мислење, минатонеделниот пад на берзите е само налетување на пречка на патот, а не и целосна промена на насоката на движење“, вели во анкетата на Reuters Азиз Сундерџи, економист во банката „Barclays“.

Натамошниот развој на ситуацијата на берзите ќе зависи од движењето на приносите на обврзниците, бидејќи повисоките приноси им штетат на акциите, имајќи предвид дека растат трошоците за задолжувањата на компаниите и бидејќи дел од инвеститорите би можеле да повлечат дел од средствата од акциите и да купуваат обврзници. Поради очекувањата дека инфлацијата ќе расте, на почетокот од минатата седмица приносот на 10-годишните американски обврзници достигна 2,885 отсто, највисоко ниво во последните четири години, но последните денови се движи под ова ниво.

Во понеделникот утрото закрепнува и цената на нафтата, откако минатата седмица потона за повеќе од 8,5 отсто и се нурна на најниското ниво од декември минатата година. Цената на барелот на американскиот пазар зајакна утрово за 55 центи, на 59,75 долари, додека на лондонскиот пазар барелот поскапи за 47 центи, на 63,25 долари.

А на валутните пазари доларот ослаби, откако минатата седмица неговата вредност кон кошницата валути скокна за 1,4 отсто, највисокото ниво во последните 15 месеци. Во понеделникот утрото, пак, индексот на доларот кој ја мери вредноста на американската валута во однос на шесте најважни валут од земјите најголеми трговски партнери на САД, се лизна на 90,18 поени, додека во петокот на затворањето од тргувањето изнесуваше 90,42 поени.

Притоа курсот на еврото утрово порасна за 0,3 отсто, на 1.2275 долари, откако минатата седмица загуби 1,8 отсто. Во однос на јапонската валута, цената на доларот се движи стабилно, околу 108,79 јени, откако минатата седмца падна за 1,3 отсто.