Азиските берзи го следат падот на Волстрит, доларот најсилен последниве во 20 години

На азиските берзи вредноста на акциите во четвртокот остро падна, како и на њујоршки Волстрит ден претходно, бидејќи американската централна банка Federal Reserve (Fed), како и што се очекуваше, повторно агресивно ги зголеми клучните каматни стапки и остро ги намали процените за економскиот раст.

Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските, рано претпладнето по средноевропски време беше во минус од 1,4 отсто, паѓајќи на најниското ниво од мај 2020 година.

Притоа, на Токиската берза индексот Nikkei ослабе за 0,6 отсто, додека цените на акциите во Шангај, Јужна Кореја и Хонгконг паднаа за меѓу 0,3 и 0,8 отсто. Во Австралија поради празникот не се работи.

Азиските вложувачи ги обесхрабри вчерашниот остар пад на Волстрит, по одлуката на американската централна банка која по дводневната седница, како и што се очекуваше, ги зголеми клучните каматни стапки за 0,75 процентни поени, третпат последователно, во распонот од 3 до 3,25 отсто, што е нивното највисоко ниво од 2008 година. Бидејќи инфлацијата во САД се движи близу највисоките нивоа по повеќе од 40 години, централната банка најави и натамошно зголемување на цените на парите.

Притоа Fed ја намали процената за раст за оваа година на само 0,2 отсто, додека досега проценуваше дека економијата ќе расте за 1,7 отсто. Во следните години растот во просек би можел да изнесува 1,8 отсто. Притоа стапката на невработеноста би пораснала од сегашните 3,7 отсто на 4,4 отсто следната година.

Доларот најсилен во две децении, благо поскапување на нафтата

На валутниот пазар, по одлуките и препораките на Fed, вредноста на доларот кон кошницата валути го достигна новото највисоко ниво во 20 години.

Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американската валута во однос на другите шест најважни шест валути, се движи во четвртокот претпладнето околу 111,79 поени, додека во средата во истиот период од денот изнесуваше 110,14 поени.

Притоа, курсот на доларот во однос на јапонската валута скокна од вчерашните 143,56 на 144,85 јени, а во еден момент, првпат по 24 години, се проби и над границата од 145 јени.

Слабоста на јенот е последица од денешната одлука на јапонската централна банка BoJ дека ќе ја задржи исклучително попустливата монетарна политика, за да го поддржи растот на економијата, и покрај инфлаторните притисоци.

Американската валута значително зајакна и во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 0,9807 долари, најниското ниво во 20 години, додека во средата во истиот период изнесуваше 0,9970 долари.

„Fed нема да запре толку скоро и се очекува подолг период на рестриктивна монетарна политика, најмалку уште следната година. Што моментално можете да купувате освен американскиот долар“, вели за Reuters Сели Аулд, директорка во компанијата „JB Were“ наведувајќи го забавувањето на економскиот раст во Европа, Велија Британија и Кина.

Освен јапонската, денеска седници ќе одржат и централните банки на Велика Британија, Норвешка, Швајцарија, Филипини и Индонезија. Од нив се очекува зголемување на каматните стапки.

Цените на нафтата, пак, утрово благо пораснаа, по вчерашниот пад. Цената на барелот на лондонскиот пазар зајакна за 0,45 отсто, на 90,23 долари, додека ан американскиот пазар барелот поскапе за0,41 отсто, на 83,28 долари.