Азиските берзи го следат растот на Волстрит, доларот ослабе а нафтата благо расте

На повеќето азиски берзи цените на акциите во средата пораснаа како и на Волстрит ден претходно, бидејќи вложувачите се охрабрени од подобрите од очекуваните квартални деловни резултати на повеќето американски компании.

Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции без јапонските, во претпладневното тргување беше во плус од 0,2 отсто. Притоа на Токиската берза индексот Nikkei зајакна за 1 отсто, додека цените на акциите во Австралија, Шангај и Хонгконг пораснаа меѓу 02, и 1 отсто, додека во Јужна Кореја паднаа за околу 0,7 отсто.

Азиските вложувачи ги охрабри вчерашниот раст на цените на акциите на Волстрит. Каде што индексите Dow Jones и S&P 500 пораснаа за 0,71 односно за 0,19 отсто, благодарејќи на растот на цените на акциите на најголемите трговски синџири кои објавија за подобри од очекуваните квартални деловни резултати.

Поддршката на пазарите ја дадоа и податоци за силен раст на јапонскиот извоз во јули, за 19 отсто на годишно ниво, како и извештаите за растот на платите во Австралија. Поради тоа утрово вложувачите не беа премногу вознемирени од одлуката на централната банка на Нов Зеланд за зголемување на каматите за 0,5 процентни поени, четврти пат со ред на вкупно 3 отсто.

А на валутните пазари вредноста на доларот во однос на кошницата шест најважни светски валути благо падна. Индексот на доларот кој ја покажува вредноста на американската во однос на другите валути се движи околу 106,40 поени, додека во вторникот во истиот период од тргувањето изнесуваше 106,53 поени.

Притоа курсот на доларот во однос на јапонската валута се движи околу 134,10 јени, додека вчера изнесуваше 133,39 јени.

Меѓутоа, американската валута ослабе во однос на европската, па цената на еврото порасна од вчерашното 1,0158 на 1,0177 долари.

Цените на нафтата, пак, благо пораснаа, откако вчера паднаа на најниското ниво откако започна војната во Украина.

Цената на барелот на лондонскиот пазар зајакна утрово за 0,10 отсто на 92,43 долари, додека на американскиот пазар барелот поскапе за 0,22 отсто на 86,72 долари.