Азиските берзи под притисок, доларот продолжува да расте а нафтата поевтинува

На азиските берзи повеќето регионални индекси во понеделникот беа во минус, додека курсот на американскиот долар продолжи да јакне поддржан од изненадувачки силните податоци од американскиот пазар на трудот, кои го поткрепуваат суперагресивното зголемување на каматните стапки на американската централна банка Federal Reserve (Fed).

Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции без јапонските, во 6,30 часот беше во минус од 0,5 отсто, по трите позитивни трговски денови. Истовремено, на Токиската берза индексот Nikkei стагнираше, додека јужнокорејскиот Kospi беше во благ минус од 0,2 процента, додека кинеските индекси на берзите во Шангај и Хонгконг паднаа за 0,1 отсто.

Пазарите ги подигнаа своите очекувања на 70 отсто дека американската централна банка во септември ќе продолжи со агресивното подигнување на клучните каматни стапки, откако веќе во два наврати каматните стапки ги подигна за 0,75-процентни поени, односно вкупно за 1,5 отсто во настојувањата да ја сузбие силната инфлација во САД.

Причина за ваквите движења се подобрите од очекуваните податоците за бројот на вработените во САД, кој во текот на јули пораснал за 528.000, односно 19 месеци последователен раст и покрај падот на активностите во најголемата светска економија последните две тримесечја.

Новите насоки за вложувачите ќе биде објавата на податоците за инфлацијата во САД во среда, а се очекува дека ќе изнесува 8,7 отсто, по јунските 9,1 отсто.

„И покрај забавувањето на стопанството, Fed на септемвриското заседавање веројатно ќе ги подигне каматните стапки за дополнителни 75 базни поени. Клучно е прашањето дали ќе утврди дека само значајното зголемување на стапката на невработеност ќе биде исполнување на нивните цели. Доколку биде така, ќе дадат сигнали за натамошен раст на каматите, со порака дека во кус рок ќе бидат помалку сензитивни на движењето на стопанските активности“, вели за Reuters Брус Кесман, економски истражувач во „JPMorgan“.

Стапката на невработеност во САД, имено, во јули падна на предпандемиското ниво од 3,5 отсто од јунските 3,6 проценти.

 

Доларот јакне, цените на нафтата лизгаат

Податоците за силниот пазар на трудот во САД, меѓутоа, го поддржуваат јакнењето на американската валута. Така, во понеделникот индексот на доларот, кој го мери неговото движење во однос на кошницата од шесте најважни светски валути, се зголеми за 0,8 отсто, на 106,64 поени.

„Клучните податоци на милиони километри се оддалечени од моменталната рецесија, а се однесуваат на вработувањата и висината на стапката на невработеност. Овие податоци позитивно ќе влијаат на натамошното движење на доларот кон другите светски валути“, вели Алан Раскин, шеф на стратегијата за девизи во „Deutsche Bank“.

Со сѐ поверојатното продолжување на растот на каматните стапки во САД, поголеми се приносите кои ги нуди доларот во однос на другите валути, па курсот на американската валута во однос на јапонската во понеделникот утрото порасна за 1,6 отсто, на 135,27 јени.

Доларот само благо зајакна и во однос на еврото, кое така стои на 1,0173 долари, откако агенцијата Moody’s ги намали изгледите за кредитниот рејтинг на Италија, откако премиерот Марио Драги поднесе оставка.

Цените на нафтата, пак, продолжија да се лизгаат, откако минатата седмица потонаа за околу 9 отсто, најмногу од април годинава. Тоа беше одраз на очекувањата дека глобалната побарувачка ќе ослаби додека националните централни банки продолжуваат со заострувањето на монетарните политики.

Барел од марката сирова нафта Brent на пазарот во Лондон во понеделникот во утринското тргување поевтини за 11 центи, на 94,8 долари, додека барелот на марката WTI на американскиот пазар поевтини за 13 центи, на 88,88 долари.