Азиските земји се подготвуваат за агресивна вакцинација против грип

Нешто порано од вообичаеното, некои азиски земји подготвуваат агресивни кампањи за вакцинација против грип, стравувајќи дека избувнувањето на епидемијата на грип истовремено со новиот бран од ковид-19 во текот на есента и зимата може да ги преоптовари нивните здравствени системи.

Во Јапонија, здравствените власти подготвуваат 31,2 милиони вакцини против грип, што е за седум проценти повеќе од минатата година, односно најмногу од 2015 година.

Јужна Кореја за своите граѓани ќе обезбеди 30 милиони вакцини против грип, што е за 20 проценти повеќе од минатата година. Околу 19 милиони лица, или третина од вкупното население, ќе бидат вакцинирани бесплатно, додека, за споредба, лани против грип беа вакцинирани 13,8 милиони Јужнокорејци.

Во некои делови на Кина има зголемен интерес кај населението за вакцинирање против грип, иако во таа земја генерално оваа операција не е  бесплатна, а властите во Тајван веќе најавија дека ќе обезбедат бесплатно повеќе од шест милиони дози вакцина против грип.

Во Австралија, која е дел од азиско-пацифичкиот регион, властите веќе обезбедија 16,5 милиони дози од ваквите вакцини, наспроти ланските 13,2 милиони.

Британските медиуми наведуваат дека сличен тренд постои и во Европа и САД, а американските фармацевтски компании се очекува годинава да обезбедат околу 200 милиони вакцини против грип или околу 20 проценти повеќе од вообичаеното.