Бјорнсон Баркбу и Ебле: Владата спроведе времени мерки, а клучна улога имаше и НБРСМ во справување со корона кризата

Сите држави во светот поради пандемијата ќе се соочат со намалување на приходите по глава на жител, а ваквата состојба бара силна реакција од носителите на политиките. Владата на Северна Македонија делуваше брзо и спроведе времени мерки, а клучна улога имаше и Народната банка.

Ова го истакнуваат шефицата на мисијата на ММФ за нашата земја, Берглјот Бјорнсон Баркбу и резидентната претставничка на ММФ за Западен Балкан, Стефани Ебле, во интервју за МИА.

-Во Северна Македонија, техничката Влада делуваше брзо и спроведе времени мерки за поддршка на ликвидноста на фирмите, за заштита на работните места и помош на оние на кои тоа им е најмногу потребно, истакнуваат во интервјуто.

Додаваат дека сите овие мерки ќе помогнат да се ограничи социјалниот и економскиот ефект на пандемијата.

-Нивните фискални трошоци, кои изнесуваат околу 2 проценти од БДП, се нешто со кое може да се управува. Владата направи буџетски заштеди кај повеќе различни категории на трошоци, при што успешното издавање еврообврзница, заедно со финансиската поддршка овозможена од ММФ, Светската банка и Европската Унија се очекува да ги покријат финансиските потреби на државата во текот на годинава, наведуваат во интервјуто.

За Народната банка потенцираат дека имала клучна улога во реагирањето на корона кризата. Таа, оценуваат, успешно го искористи својот маневарски простор и ја поддржа економијата, истовремено зачувувајќи ја финансиската стабилност.

Оценуваат дека во изминатите децении се потврди дека фиксниот курс на денарот во однос на еврото е соодветен за македонската економија, претставувајќи клучно сидро на макроекономските политики. Бјорнсон Баркбу и Ебле потенцираат дека показателите што ги следи ММФ, покажуваат дека Северна Македонија влезе во кризата со силна позиција на девизните резерви, како и дека нивото на резервите ќе остане адекватно, што ја поддржува стабилноста на денарот.

Имајќи предвид дека стапката на инфлација ќе остане ниска, меѓународните монетарци очекуваат монетарната политика кај нас и натаму да биде релаксирана, со што Народната банка ќе го поддржи економското заздравување.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.