Бајден е здрав, силен и спремен за должноста, уверува лекарот на Белата куќа

Американскиот претседател Џо Бајден, кој во петокот беше на лекарски преглед и подложен на колоноскопија, „подготвен е за должноста и способен е да ги извршува своите обврски без никакви прилагодувања“, наведе неговиот лекар во писмото кое го објави Белата куќа.

Кевин О’Конор, лекарот на американскиот претседател, наведува дека со колоноскопијата е пронајден „полип со бенигнен изглед“ кој лесно е отстранет.

„Се очекува хистолошката евалуација да биде довршена на почетокот од следната седмица. Претседателот никогаш немал рак на дебелото црево“, известува лекарот на Белата куќа.

О’Конор, исто така, вели дека Бајден покажал зголемена зачестеност и сериозност во „прочистувањето на грлото“ поради рефлуксот, што барало детален преглед. Тој преглед не открил тумори, чиреви, рак или други сериозни состојби, наведува лекарот.

Одот на Бајден, исто така, се чини „чувствително потврд и помалку флуиден отколку во минатото“, напишал О’Конор. Наодите покажале дека поголем дел од вкочанетоста може да се припише на трошењето на ‘рбетот.

Бајден, кој во саботата ќе го прослави 79-от роденден, продолжи да ги извршува своите претседателски должности во петокот околу 17,15 часот по македонско време, по кусото префрлање на овластувањата на потпретседателката Камала Харис во текот на анестезијата. Харис, така, стана првата жена во историјата на САД којашто имала претседателски овластувања.

Бајден како 78-годишник стана најстариот американски претседател во историјата. Иако сѐ уште се шпекулира дали повторно ќе се кандидира 2024 година, самиот тој вели дека го очекува и вториот мандат.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.