Бајден ги фали лидерските вештини на својот избор за главен американски генерал

Американскиот претседател Џо Бајден во четвртокот официјално ја најави номинацијата на началникот на Воздухопловните сили Чарлс Браун за највисок американски воени офицер, фалејќи ги неговите лидерски, па и кулинарски вештини.

Изборот доаѓа во периодот на зголемената загриженост на САД поради, како што ги оценува, безбедносните закани кои ги претставуваат Русија и Кина.

„Генералот Браун во сите сили изгради репутација на непоколеблив и многу ефикасен водач, како некој кој создава атмосфера на тимска работа, доверба и потоа го извршува одлично“, изјави Бајден во Белата куќа.

Претходно во средата американски функционери објавија дека изборот на Бајден е Браун за четиригодишен мандат на местото челник на Здружениот генералштаб, на коешто би го заменил генералот Марк Мили кој заминува од позицијата,

Браун би ја преземал должноста кога САД даваат милијарди долари во воена опрема и модерни оружја на Украина по руската инвазија минатата година и внимателно ги следат ставовите на Кина во однос на Тајван.

Доколку биде потврден од Сенатот, Браун би станал само вториот црн офицер во историјата на оваа должност по Колин Пауел, кој на таа позиција беше од 1989 до 1993 година

Во текот на објавата, Бајден кој најави дека ќе се кандидира за нов мандат следната година, беше придружуван од генералот Браун, потпретседателката Камала Харис и министерот за одбрана Лојд Остин.

Бајден го повика Сенатот да го потврди Браун, меѓутоа медиумите наведуваат дека временскиот распоред за негово потврдување е неизвесен.

Републиканскиот сенатор Томи Табервил го блокира напредувањето на воените номинации од февруари, бидејќи тврди дека Пентагон непрописно ги користи средствата на даночните обврзници за покривање на патните трошоци за припадничките на воениот рок кои ќе извршат абортус.

Портпаролот на Табервил изјави дека тоа ќе влијае и на номинацијата на Браун, бидејќи блокадата се однесува на сите унапредувања на високо ниво.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.