Бајден го обвини Конгресот дека ја „занемарува“ Украина, се сретна со Шолц

Американскиот претседател Џо Бајден изјави во петокот дека Конгресот ќе биде виновен за „речиси криминалното запоставување“ на Украина доколку не го усвои предлог-законот за финансирање и му се заблагодари на германскиот канцелар Олаф Шолц за неговото водство во обезбедувањето германска воена помош за Киев.

Шолц, кој престојуваше во куса посета на Вашингтон за да ги поддржи напорите на Бајден да обезбеди финансирање за Украина, се состана со претседателот во Белата куќа на разговори за руската инвазија во Украина, како и за израелската војна во Појасот Газа и кризата на Блискиот исток.

Зборувајќи со новинарите пред состанокот, Шолц рече дека е охрабрен од потегот на американскиот Сенат во четвртокот да го унапреди предлог-законот од 95,34 милијарди долари, кој вклучува помош за Украина, Израел и Тајван, откако републиканците го блокираа компромисниот нацрт-закон кој вклучува реформи на имиграциската политика.

Белата куќа со месеци предупредуваше дека неуспехот на пратениците да му помогнат на Киев ќе му наштети на неговата способност да се бори против Русија.

„Неуспехот на Конгресот на Соединетите Држави, ако се случи да не ја поддржи Украина, е блиску до криминално запоставување. Тоа е срамота“, рече Бајден во Овалната соба.

„Многу сум среќен што во Европа сега донесовме одлуки да ја обезбедиме потребната финансиска поддршка на буџетот. Исто така дека Германија е подготвена да ја зголеми својата поддршка со снабдување со оружје“, изјави германскиот канцелар, како што истакнуваат американските медиуми – зборувајќи на англиски, и изрази надеж дека Конгресот ќе го следи примерот и ќе донесе одлука за обезбедување на потребната поддршка на Киев.

Шолц истакна дека Германија неодамна дала одлучувачки придонес за поддршка на Украина во одбивањето на целосна руска инвазија.

„Сега истото мора да се случи и во остатокот од Европа, а исто така и во Соединетите држави“, рече тој, истакнувајќи дека рускиот претседател Владимир Путин смета на недостигот од поддршка за Украина.

Шолц рече дека неговиот состанок со американските сенатори во четвртокот вечерта го убедил дека експертите за надворешна политика и безбедност во американскиот Конгрес ја разбираат потребата од континуирана поддршка за Украина.

Путин раскажа „целосно апсурдна приказна за потеклото на оваа војна“ во неговото интервју со конзервативниот американски телевизиски водител Такер Карлсон, што се емитуваше во четвртокот, тврдеше германскиот канцелар.

„Постои јасна причина, а тоа е волјата на рускиот претседател да анектира дел од Украина“, тврди Шолц.

Минатата седмица Европската унија одобри четиригодишен заем од 50 милијарди евра за Украина, за што засега не се објавени условите. Украина, која претендира да се приклучи на ЕУ и на воената алијанса на НАТО, што е и главната причина за руската инвазија, цела деценија се потпира на воена и финансиска поддршка од западните земји.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.