Американскиот претседател Џо Бајден и кинескиот претседател Кси Џинпинг се согласија во средата ноќта по средноевропско време, по нивната прва средба по нешто повеќе од една година, да отворат директна телефонска линија меѓу двајцата лидери, да го обноват контактот меѓу војските на двете земји и да соработуваат за сузбивање на производство на фентанил.
Бајден и Кси разговараа речиси четири часа за проблемите што ги нарушуваат односите меѓу САД и Кина. Двајцата претседатели планираат да ги обноват воените контакти кои Кина ги прекина во август 2022 година кога тогашната претседателка на Претставничкиот дом на САД и сопартијка на Бајден, Ненси Пелоси, го посети Тајван во невообичаена посета на еден од највисоките американски функционери на островот кој Кина го смета за своја отцепена покраина што го разгеви Пекинг, уште повеќе што следеа провокации во истиот контекст.
„Се враќаме на директна и отворена комуникација“, рече Бајден, додавајќи дека тоа важи и за комуникацијата меѓу двата претседателски кабинета. „Се договоривме секој од нас да може директно да го прифати телефонскиот повик, за веднаш да се слушнеме“, рече тој.
Меѓутоа, американскиот претседател подоцна им кажа на новинарите нешто што може да ја налути кинеската страна, а тоа е дека тој не го променил мислењето за Кси Џинпинг како диктатор.
„Мислам, тој е диктатор како човек кој раководи со комунистичка земја“, рече Бајден.
Кси му одговорил дека негативните перцепции за Комунистичката партија во САД „воопшто не се фер“, според еден од американските претставници по средбата.
Разговорот меѓу двајцата лидери беше обид да се измазнат односите меѓу двете велесили откако американски борбен авион собори кинески балон кој леташе над територијата на САД во февруари оваа година, под сомнение дека е шпионски балон кој собира податоци за воени локации на САД.
Американскиот претседател наведе кои прашања најмногу го загрижуваат Вашингтон, а тоа се човековите права и според САД агресивните активности на Пекинг во Јужното Кинеско Море.
„Разговараме, отворени сме еден со друг за да нема недоразбирања“, рече Бајден.
По средбата меѓу двајцата претседатели, веднаш по неговото именување се очекува средба меѓу американскиот министер за одбрана Лојд Остин и неговиот кинески колега, штом ќе биде именуван, изјави висок американски претставник.
Бајден и Кси, исто така, се согласија дека Кина треба да престане да извезува производи поврзани со производството на фентанил, водечка причина за предозирање со дрога во САД.
„Тоа ќе спаси животи“, рече Бајден, кој му се заблагодари на Кси за неговата посветеност да го реши проблемот.
Што се однесува до Тајван, Кси бара мирно обединување со одметнатиот остров. Сепак, кинескиот лидер го продолжи разговорот со условите под кои може да се употреби сила.
Според висок американски функционер, Бајден ја нагласил потребата од мир и стабилност во Тајванскиот теснец и се залагал за задржување на статус кво, истовремено очекувајќи Кина да го почитува изборниот процес на Тајван.
Од друга страна, Кси побарал од САД да престанат да испраќаат оружје во Тајван и да го поддржат „мирното обединување“ на Кина и Тајван, јавуваат кинеските државни медиуми.