Бајден најави испраќање војска во балтичките држави

Американскиот претседател Џо Бајден вечерва најави дека ќе испрати дел од американските војници во Европа во балтичките земји – Естонија, Летонија и Литванија.

Како што вечерва потврди за Гласот на Америка висок функционер на американското Министерство за одбрана, станува збор за припадници на воздухопловните сили и армијата на САД кои ќе бидат префрлени оваа недела.

Според неофицијални, но сигурни информации, 800 американски војници ќе бидат префрлени од Италија на Балтикот, 8 борбени авиони Ф-35А ќе бидат префрлени од Германија на неколку источноевропски локации, 20 борбени хеликоптери Апачи ќе бидат префрлени од Германија на Балтикот и уште 12 вакви хеликоптери ќе бидат префрлени од Грција во Полска. Со оглед на фактот дека Русија има околу 150.000 војници на границите на Украина, јасно е дека ова е симболичен потег на администрацијата на Бајден.

„Ова се одбранбени маневри, немаме намера да се бориме со Русите, но ќе ја браниме секоја педа од територијата на земјите-членки на НАТО“, изјави вечерва американскиот претседател Бајден, објави Ројтерс.