Бајден на Твитер ја поздрави ратификацијата на Протоколот во Сенатот на САД

Поранешниот американски потпретседател Џо Бајден денеска на Твитер изрази силна поддршка за интегрирањето на Северна Македонија во НАТО, откако завчера Сенатот го ратификуваше Протоколот за членство во Алијансата.

-Силно го поддржувам одобрувањето на членството на Северна Македонија во НАТО од Сенатот. Земјите од Западен Балкан заслужуваат да бидат дел од Европа во целина, слободни и во мир и ние треба да ги поддржуваме евроатлантските интеграции во целиот регион, напиша Бајден на својот Твитер налог.

Бајден е еден од кандидатите за американски претседател од Демократската партија.

Тој неодамна изјави дека доколку Доналд Трамп биде реизбран на изборите следната година, НАТО ќе престане да постои.

-Доколку тој (Трамп) повторно биде избран, ви ветувам дека нема да има НАТО… Ќе имаме вистински проблеми, рече Бајден за време на дебатата меѓу демократските кандидати за иден американски претседател.