Американскиот претседател Џо Бајден ќе ја посети во вторникот сојузната држава Флорида, седум дена пред изборите за Конгресот на половината од мандатот, за да учествува во кампањата на неговата Демократска партија против републиканскиот гувернер Рон Десантис кој може да му биде и противкандидат на претседателските избори во 2024 година.
Во својот прв политички настан во сојузната држава во којашто беше поразен на претседателските избори од 8-ми ноември 2020 година, Џо Бајден ќе го поддржи демократскиот кандидат за гувернер Чарли Крист. Истовремено, покрај Десантис цел на Бајден ќе биде и републиканскиот сенатор од Флорида, Рик Скот.
Последен пат демократ победил на избори во Флорида во 2012 година.
Се очекува дека претседателот Бајден ќе го изведе досега најостриот напад насочен против Десантис, рекле за медиумите функционери од администрацијата на претседателот. Бајден и Десантис имаат жесток судир околу повеќе прашања, во прв ред абортусот и правата на ЛГБТ, коронавирусот но и економската криза и инфлацијата.
На американските избори во ноември Десантис сака да биде потврден на гувернерската должност, меѓутоа на него се гледа и како најголем ривал во Републиканската партија на поранешниот претседател Доналд Трамп за партиската номинација за претседателските избори во 2024 година.
Бајден во октомври се сретна со Десантис во текот на престојот на Флорида за процена на штетите од ураганот Ијан, кога срдечно се поздравија и стоеја еден до друг на средбата со настраданите во невремето, потсетуваат медиумите. Меѓутоа, се потсетува и дека се промениле многу нешта откако патувањето на Бајден на Флорида мораше да биде одложено од крајот на септември поради ураганот.
Изминатите седмици Белата куќа го намали својот претходен оптимизам во врска со изборите на половината на мандатот, кои всушност се одраз и на процените колку избирачите се задоволни од двете години мандат на актуелниот претседател. Функционери од администрацијата на Бајден, како и што укажуваат повеќето анкети, изразуваат загриженост дека демократите може да ја загубат контролата над двата дома на Конгресот.
Губењето на еден или над двата дома на Конгресот, длабоко би влијаело врз следните две години од претседателскиот мандат на Џо Бајден, а се очекува дека во тој случај републиканците ќе блокираат некои од неговите закони кои демократскиот претседател ги прогласи за свои приоритети.