Бајден планира да го задржи Вреј на чело на FBI

Американскиот претседател Џо Бајден сака да го задржи Кристофер Вреј на челната позиција на Федералното биро за истраги (FBI), бидејќи има доверба во работата која тој ја извршува, соопшти во четвртокот Белата куќа.

На чело на FBI Кристофер Вреј го именуваше штотуку заминатиот републикански претседател Доналд Трамп пред четири години. Но Трамп го критикуваше често Вреј поради одбивањето да истражува за политичка пристрасност во истрагата на Бирото за наводната поврзаност на претседателската кампања на Трамп со Русија во 2016 година, и откако надзорното тело на министерството за правда објави извештај во декември 2019 година дека имало големи неосновани грешки, и откако со неговиот извештај не се согласија ниту главниот државен обвинител, ниту сојузниот обвинител кои ги истражуваа корените за истрагата против кампањата на Трамп.

Истрагата беше покрената на основа на ткн „Стилово досие“, кое го нарачала кампањата на тогашна демократска противкандидатка Хилари Клинтон и Демократскиот национален комитет (DNC), во настојувањата да дојдат до компромитирачки материјали и во кои поранешниот британски шпион Кристофер Стил изнел обвинувања за престојот на Трамп порано во Москва и за наводна поврзаност на неговата кампања со Русија, кои подоцна беа раскринкани како лаги. Вреј тогаш во интервјуто за телевизиската мрежа ABC News призна бројни грешки кои надзорното тело ги пронашло и рече дека сериозно ќе ги сфати.

Директорите на FBI се именуваат најмногу на десет години, а на Вреј му преостануваат уште шест години на таа позиција.

Портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки, потврди на Twitter дека Бајаден „планира да го задржи директорот на FBI Вреј во оваа улога и има доверба во работата кој тој ја извршува“. Псаки додаде дека во средата педизвикала „ненамерно бранување“ кога изјави дека сѐ уште не зборувала со претседателот за Вреј.

Одлуката на Бајден да го задржи на позицијата Вреј ја поздрави и Адам Шиф, пратеник на демократите кој го води Комитетот за разузнавачки работи во Претставничкиот дом .

„Кристифер Вреј стана директор на FBI во моментите на страшни превирања во Бирото и државата и служеше со голема професионалност и интегритет. Мило ми е што гледам дека претседателот Бајден планира да го задржи директорот Вреј на неговата функција“, изјави Шиф.

Шиф додаде дека се радува што ќе ја продолжи соработката со Вреј на анализата на „разузнавачките и безбедности пропусти кои доведоа до нападот на Капитол на 6-ти јануари и потребата од драматични ширење на фокусот и ресурсите од заканите од домашен теророризам“.

Тоа се толкува како отворање на фронт и прогон на поддржувачите на Трамп, особено оние од крајно десната провиниенција кои не ја признаваат изборната победа на Бајден и кои се обвинети за споменатите настани во Конгресот.

Вреј минатиот септември пред Комитетот за разузнавачки служби на Претставничкиот дом изјави без да даде никакви докази дека Русија наводно се мешала во кампањата за претседателските избори кои се одржаа на 3-ти ноември 2020-та со наводно ширење на дезинформации за Џо Бајден.

Тогаш кажа и дека FBI спроведува повеќе истраги против „насилните домашни екстремисти“ и дека најголем дел од истрагите „вклучуваат групи на белите супремацисти“.

Кога станува збое за Кина, Вреј рече дека FBI „отвора бнова контраразузнавачка истрага поврзана со Кина на секои 10 часа“.