Бајден призна дека санкциите против Русија влијаат и врз САД

Соединетите држави и Европа знаеле дека воведувањето на санкциите против Русија поради војната во Украина не можат да минат без последици на енергетскиот пазар, изјави во средата американскиот претседател Џо Бајден во обраќањето на нацијата//

„Русија е еден од најголемите производители на нафта во светот. Ги прекинавме испораките на руската нафта во САД, и нашите партнери во Европа го сторија истото, знаејќи дека ќе се соочиме со раст на цените на бензините“, рече Бајден во текот на специјалното обраќање по повод невидениот раст на цените на бензините во земјата.

Американскиот челник рече и дека во Вашингтон можеле да ги „затворат очите на руската агресија“ во Украина и така да го избегнат рекордниот скок на цените на горивата.

„Мислам дека тоа би било погрешно. Така мислев тогаш, така мислам и сега“, изјави Бајден.

Призна дека од почетокот на руската воена интервенција во Украина цените на бензините во САД пораснаа во просек за два долара, а во многу други земји и уште повеќе.

Нарушувањето на синџирите за снабдувања поради антируските санкции доведе во економски проблеми во Америка и Европа, кои се соочија со невиден раст на цените на горивата и храната. Во САД, на пример инфлацијата забрза до 8,6 отсто во мај, што е највисокото ниво по декември 1981 година, а на 10-ти јуни цените на бензините се искачија на повеќе од 5 долари за галон, првпат во историјата на САД.

На почетокот од јуни непрофитната Американска автомобилска асоцијација (ААА), која ги следи цените на повеќе од 60.000 бензински станици во земјата објави дека цената на бензините на бензинските црпки во САД го обновила тогаш историскиот максимум достигнувајќи 4,81 долари за галон (3,785 литри), што значи дека цената на горивото е двојно зголемена за година ипол од инаугурацијата на претседателот Џо Бајден.

Во обраќањето до нацијата во средата вечерта Бајден побара Конгресот на три месеа да го укине данокот на горивата за да се намалат цените на бензините во земјата. Истовремено ги повика американските рафинерии на нафта да го зголемат производството на бензините со цел да се намалат рекордни цени на горивата на домашните пазари.

Бајден, исто така, соопшти дека САД следната година ќе произведат рекордни количества нафта,.

„Само овој месец САД произведоа 12 милиони барели нафта дневно. Тоа е повеќе од просечниот показател во времето на мојот претходник. На патот сме да поставиме рекорд следната година“, рече американскиот претседател.