Бајден: Руски напад на Украина и натаму е можен

Американскиот претседател Џо Бајден ја повика во вторникот Русија да се повлече од „работ на војната“ и рече дека извештаите дека Москва повлекла дел од силите од границата со Украина не се проверени и дека рускиот напад сѐ уште е возможен.

„На граѓаните на Русија: вие не сте нашиот непријател и не верувам дека сакате крвава, деструктивна војна против Украина“, рече Бајден во изјавата од Белата куќа која ја пренесуваа телевизисктие мрежи, што се толкува како продолжување на напорите на Вашингтон за свртување на руската јавноста против владата во Москва, особено против рускиот претседател Владимир Путин.

Бајден додаде дека САД „не сакаат директна конфронтација со Русија“, но дека доколку Русија ги нападне Американците во Украина „ќе одговори силно“.

Претходно викендов Бајден нареди повлекување на најголемиот дел од дипломатскиот персонал од Украина, како и на американските воени претставници и инструктори во оваа земја, а на државјаните на САД им порача итно да ја напуштат земјата предупредувајќи дека нема да испрати војници за нивно извлекување доколку започнат воени дејствија.

Бајден, исто така, рече дека САД и нивните сојузници во НАТО се подготвени на „сѐ што ќе се случи“ и дека Русија „ќе плати висока економска цена“ ако започне инвазија.

Американскиот претседател тврдеше дека можноста од наводниот руски напад врз Украина сѐ уште постои, како и дека САД сѐ уште не ги потврдиле извештаите дека дел од руските сили се повлекле од близина на украинската граница, чие присуство беше причината за ескалацијата на тензиите меѓу Западот и Русија.

„Ние сме подготвени решително да одговориме на рускиот напад врз Украина, кој останува многу голема можност“, рече Бајден кој кон крајот на минатата седмица изјави дека САД нема воено да интервенираат во руско-укриански конфликт, бидејќи директен судир меѓу американски и руски сили би претставувал глобален конфликт.

Но затоа Бајден повтори во вторникот дека САД и сојузниците се подготвени да воведат „моќни санкции“ доколу се оствари руската инвазија врз Украина. Претходната седмица американското разузнавање изнесе податоци дека наводната руска инвазија врз соседната земја ќе започне во среда на 16-ти февруари, функционерите во Вашингтон не можеа да ги потврдат таквите информации но повторуваат дека „руската инвазија е можна во секој момент“.

Бајден сега истакна дека дипломатијата треба да ги добие сите шанси за успех. Исто така, рече дека НАТО нема ракети во Украина, ниту има планови таму да ги инсталира. Најави истовремено дека САД ќе ѝ предложат на Русија нова контрола на вооружувањето и други мерки.
.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.