Бајден: САД ќе застанат во одбрана на Тајван доколку биде нападнат од Кина

Соединетите држави би застанале во одбрана на Тајван и обврзани се да го бранат островот на којшто Кина полага право, изјави американскиот претседател Џо Бајден во четвртокот, иако подоцна Белата куќа изјави дека нема промени во политиката кон островската земја којашто Пекинг ја смета за своја одметната покраина.

„Да, обврзани сме да го сториме тоа“, одговори Бајден во градскиот совет на прашањето дали САД ќе застанат во одбрана на Тајван, кој предупредува на сѐ посилен воен и политички притиоск од Пeкинг за да го прифати кинескиот суверенитет.

Иако САД според донесен закон се обврзани на Тајван да му обезбедат средства за одбрана, Вашингтон долго ја следи политиката на „стратешка нејаснотија“ за тоа дали воено ќе интервенира за да го заштити островот во случај на кинеска инвазија.

Од Белата куќа подоцна рекоа дека Бајден зборувајќи во градскиот своет не најавил промена во политиката на САД и дека „нема промени во нашата политика“, но одбиле натаму да коментираат на прашањето дали американскиот претседател згрешил.

„Одбранбениот однос на САД со Тајван е во согласност со законот за односите со Тајван. Ќе се придржуваме на својата обврска според овој закон, ќе продолжиме да ја поддржуваме самоодбраната на Тајван и ќе се спротиставивме на кои и да се еднострани промени на статус-квото“, одговорија од Белата куќа.

Бајден, исто така, рече дека американските граѓани не требало да бидат загрижени за воената сила на Вашингтон, бидејќи „Кина, Русија и остатокот од светот знаат дека сме најмоќната армија во истроијата на светот“.

„Она за што мора да се грижите е дали ќе се вклучат во активностите кое би ги довело во позиција во којашто самите можат да направат сериозна грешка. Не сакам студена војна со Кина. Само сакам Кина да сфати дека нема да се повлечеме, нема да промениме ниеден наш став“, додаде Бајден.

Откако САД јасно ја демонстрираа својата заинтересираност да го попречат подемот на Кина во индо-пацифичкиот регион, започнаа извештаите дека воените тензии меѓу Кина и Тајван се на најлошо ниво по повеќе од 40 години, како што ги опиша претходно месецов тајванскиот министер за одбрана Лиу Куо-ченг.

Обраќајќи им се на новинарите претходно во четвртокот, кинескиот амбасадор при Обединетите нации, Жанг Џун, изјави дека Пекинг тежи кон „мирно повторно обединување“ со Тајван и дека одговара на „сепаратистичките обиди“ на тамошната владејачка Демократска прогресивна партија.

„Ние не предизвикуваме проблеми. Напротив, некои земји, а особено САД, преземаат опасни акции, ја водат ситуацијата во Тајванскиот теснец во опасна насока. Мислам дека во овој момент мораме да ги повикаме САД да престанат со таквата практика. Вовлекувањето на Тајван во војна дефинитивно не е во ничиј интерес. Не гледам дека САД со тоа би добиле нешто“, порача Жанг.