Бајден: САД никогаш нема да ја прифати руската анексија на Крим

Американскиот претседател Џо Бајден кажа денес дека неговата земја „никогаш нема да ја прифати“ руската анексија на црноморскиот полуостров Крим, во соопштение објавено по повод седмата годишнина од тој настан.

„Соединетите Држави никогаш нема да ја прифатат наводната анексија на полуостровот и ќе бидеме со Украина а против агресивното дејствување на Русија“, кажа американскиот претседател.

„САД и во иднина ќе бидат со Украина и со своите сегашни сојузници и партнери, како што беше од почетокот на тој конфликт. На оваа тажна годишнина ја повторуваме пораката: Крим е Украина“, додаде Бајден.

Во конфликтот на проруските бунтовници и украинската војска од 2014 година загинаа 13.000 луѓе. Русија тогаш го припои Крим на својата територија а проруските сили на истокот на Украина се побунија против прозападниот режим во Киев.